Македонија
23. May 2022 - 16:13

Пратениците расправаат за Дополнетиот предлог на закон за финансиска стабилност

Пратениците денеска во Собранието расправаат за Дополнетиот предлог на законот за финансиска стабилност, со европско знаменце.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ за Законот за финансискиот совет информира дека тој предвидува Финансиски совет кој треба да дава, како што рече, некои финансиски рамки и насоки за движењето на владините финансиски политики, но дека неговите мислења не се обврзувачки. Тој смета дека составувањето на ваков Совет во ваков закон е задоцнето и додаде оти Владата требало порано да направи кадровско зајакнување на Министерството за финансии. Милошоски потсети дека за пет години се сменети тројца министри за финансии и нема усогласена стратегија за финансиска политика во државата.

Милошоски наведе дека во Финансискиот совет има 13 члена, од кои пет ќе имаат право на глас, а другите ќе немаат. – Во добар дел ваквиот Финансиски совет ќе се користи како параван за одреди промашени финансиски политики, нагласи Милошоски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, власта нема намера суштински да се занимава со финансиските проблеми, туку се занимава со симптомите кои, како што велат, најмногу ги чувствуваат граѓаните и стопанствениците. Тие сметаат дека несоодветно работи владиниот економски тим, а изборите се излез од кризата.

Пратеникот Диме Велковски од СДСМ за дополнетиот предлог на закон за финансиска стабилност, со европско знаменце, нагласи дека ова законско решение е доставено во собраниска процедура на 23 октомври 2021 година.

– Не е по скратена постапка, туку е по редовна постапка. Поминат е на Комисијата за европски прашања,  рече Велковски, додавајќи дека според некои колеги, од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, ова е класично усогласување со европското законодавство во областа на оваа проблематика, каде се усогласуваат термини.

Тој посочи дека не постои никаква друга измена и изрази надеж дека за законско решение пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат позитивно.

Во расправата доминираа повеќе теми, како гасификација, енергетска криза, скапа струја, криминал и корупција, сиромаштија, млади кои сакаат да ја напуштат земјава, скапа храна…

Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во процедурална забелешка рече дека најголем дел од граѓаните во земјава на собранискиот канал на МТВ гледаат слика, а немаат звук. Тој соопшти дека и во Собранието нема услови за работа, дека до пред неколку дена не работела веб-страницата на Собранието, оценувајќи дека целта е да се замолчи опозицијата. Мицевски побара од претседателот на Собранието Џафери да обезбеди подобри услови за работа.

На дневен ред на 71-та седница се Годишните извештаи за 2021 година работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија, на Државната комисија за спречување на корупцијата, како и Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година.

Пред пратениците на оваа седница е и Предлогот за кандидат за потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија, но и интерпелацијата за работата на претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мираковска.

На дневниот ред е и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за трговија, по скратена постапка, како и Предлог-законот за дополнување на Законот за животната средина и Предлог – законот за изменување на Законот за работните односи.

Во собраниската сала од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаше натпис/транспарент „Активна блокада за спас од национална катастрофа“.

Заменик претседателот на Собранието, Горан Мисовски ја прекина расправата за Дополнетиот предлог на закон за финансиска стабилност и најави дека 71. седница ќе продолжи в среда. 

Ново на Сител