Свет
20. December 2017 - 15:36

Право и правда: Одлуката на ЕК е политички мотивирана

Одлуката на Европската комисија да отпочне процедура против Полска со покренување на т.н. Член 7 од Лисабонскиот договор е политички мотивирана, изјави денеска портпаролот на владејачката полска партија „Право и правда“, Беата Мажурек.

- Таа одлука не е добронамерна и според наше мислење е политичка, истакна Мажурек.

Ова е првпат ЕУ да отпочне ваква процедура против држава членка.

- Со тешко срце го активиравме членот 7. Но, немавме друг избор, имајќи ги предвид фактите. Немавме друга можност. Ова не се прави поради Полска, туку за целата ЕУ, изјави потпретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс, кој го водеше процесот против Полска.

Европската комисија ја обвинува Полска дека ги прекршила правилата на ЕУ за владеење на правото, откако полскиот Парламент донесе закони за правосудни реформи. За ЕУ беше спорна и одлуката на мнозинството на полската владејачка партија Право и правда да не им дозволи на петте нови членови на Врховниот суд, именувани пред изборите во 2015 година од страна на претходната влада, да ги заземат своите функции во Судот.

Предлогот на Европската комисија за активирање на членот 7 ќе биде доставен до Европскиот совет, каде Полска не може да го употреби своето право на вето, но други држави, како Унгарија, најавија дека ќе го блокираат и нема да дозволат да се оди до крај и на Варшава да и се одземе правото на глас во ЕУ.