Македонија
19. January 2016 - 8:36

Православните верници слават Богојавление - Водици

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление - Водици кој се празнува уште од вториот век. Поврзан е со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој од тогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден. 

Традиционално, во реките се фрлаат крстови, а оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со фрлањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити. Со Водици завршуваат т.н. некрстени денови.

Како и во минатите години, најмасовно се очекува да биде во Скопје и во Охрид. Централната манифестација во Скопје ќе се одржи напладне кога архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе го спушти крстот во Вардар од мостот „Слобода“.

Претходно, од 9 часот, поглаварот на МПЦ г.г. Стефан ќе богослужи Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“. 

И во Охрид денеска се очекува масовност за спуштањето на Светиот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро. Оваа година за разлика од минатите, организацијата на настанот ја презедоа Општина Охрид и Дебарско-кичевската епархија на Македонската православна црква.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по повод одбележување на празникот Богојавление - Водици во Кичево ќе присуствува на богослужбата во Соборниот храм „Св. Петар и Павле“ и на церемонијата на положување на Светиот крст. 

Телевизија Сител и овојпат со директни преноси од Скопје и Охрид ви го пренесува чествувањето на големиот христијански празник Богојавление - Водици.