Македонија
25. March 2024 - 16:45

Предизборни ветувања: Што ќе направи СДСМ, а што ВМРО-ДПМНЕ

Економијата во фокусот на предизборните ветувања и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

Од актуелната владејачка партија ветуваат просечна плата од 1.100 евра, а минималец од 600. Опозицијата, пак, најавува нови 55 илјади работни места.

Минимална пензија од 20 илјади до 2028, уверува СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ ветува 5 илјади линеарно уште првата година.

Не се заборавени ниту младите. СДСМ ќе дава по 200 евра месечно во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години. ВМРО-ДПМНЕ ја враќа Мерката Купи куќа за млади, со цел помагање на младите брачни парови.

За основците и средношколците, СДСМ ветува бесплатен топол оброк, а ВМРО-ДПМНЕ учебници за сите.

Поддршка е предвидена и за земјоделците. Субвенции од СДСМ од 750 милиони евра, а од ВМРО-ДПМНЕ 800 милиони, со гарантирани откуп и цена.

Слична вредност на капиталните инвестиции прогнозираат двете партии, околу 3 милијарди евра.

Според програмите, ќе има и градежна офанзива. СДСМ планира да изгради 194 километри автопатишта, а ВМРО-ДПМНЕ завршување на Кичево-Охрид, изградба на патните правци, Тетово-Гостивар и Битола-Прилеп, реконструкција на железничкиот коридор 10 и набавка на возови.

Енергетска независност, ветува СДСМ. Конкуренцијата ќе ја укине тарифата за пристап до мрежа и ќе го модернизира РЕК Битола.

Се обврзуваме на економска трансформација на Македонија. Време е економијата да ја стабилизираме зошто претходната влада ја остава во пропаст. Време е да ги спроведеме нашите заложби и политики за да почне економијата да генерира раст и развој. ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на раст на БДП од 5%“ - Гордана Димитриеска Кочоска,  потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

Главниот град Скопје и над 40 општини кои се под капата на ДПМНЕ се најголем пример за сите лажни ветувања на оваа партија. Ветуваа модерни општини, бесплатен превоз, еко автобуси, капитални проекти, спортски сали, паркови, школи, улици, водоводи. Поминаа 2,5 години а ништо од тоа ДПМНЕ не направи. Градоначалниците од ДПМНЕ реализираа 0 проекти“ - Мартин Костовски, пратеник на СДСМ

Предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ беше промовирана вчера преку Платформата 1198, а СДСМ ќе ги престави своите планови на партиски настан во недела.