Loading Video...
Свет
2. July 2024 - 12:14

Преглед на вести од светот

Жителите на неколку населби во источниот дел на Кан Јунис, во Газа, добивале пораки да ги напуштат своите домови. Израелската армија им нареди на Палестинците да го напуштат Кан Јунис, вториот по големина град во Газа и изврши напади во областа, во кои според властите на Хамас, имало жртви. Според медицински извори и палестинската Црвена полумесечина, очевидци пријавиле повеќе напади во и околу градот, при што загинале најмалку осум лица, а повеќе од 30 се ранети.

Бомбардирањето следи по ракетниот напад врз израелските населби во близина на границата со Газа за кои одговорноста ја презеде палестинскиот Исламски џихад, организација која се бори заедно со Хамас против Израел. Премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел се приближува до својата цел да ги отстрани воените капацитети на Хамас.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните ракети „Искендер –М“ уништиле пет украински борбени авиони СУ-27 и оштетиле уште два на аеродромот Мирхород, во Полтавската област во Украина.

Русија ги гаѓаше украинските аеродроми во моментот кога Киев се подготвува да го прими првиот американски авион Ф-16 за кој Москва вети дека ќе го уништи.

Патниците на летот UX045 на Ер Европа имаа големи непријатности за време на летот од Мадрид за Монтевидео, Уругвај. По силните турбиленции авионот бил пренасочен и принудно слетал на аеродром во Бразил, во близина на меѓународниот аеродром Натал, Авиопревозникот соопшти дека од силните турболенции 30-тина патници се здобиле со полесни повреди. Еден од патниците сведочеше дека патниците кои не биле врзани со сигурносен појас летнале од своите седишта и удриле во таванот.  Според „Ер Европа“, вториот авион полетал од Мадрид за да ги земе патниците и да го продолжат патувањето за Уругвај.

Најмалку едно лице загина од ураганот Берил што ја погоди карипската земја Гренада, соопштија официјални лица. Американските медиуми јавуваат дека ураганот доцна синоќа зајакнал до петта категорија предизвикувајќи голема штета на куќите низ југоисточниот дел на Карибите. Инаку, ураганот Берил на некои места имал и брзина од над 200 километри на час, притоа оштетувајќи куќи, коренеше дрвја и урна далноводи на Карибите.