Loading Video...
Свет
27. March 2026 - 12:19

Преглед на вестите од светот

Претседателот на САД, Доналд Трамп, синоќа изјави дека ги паузира нападите врз енергетските централи на Иран за 10 дена до 6.април на барање на иранската влада и рече дека разговорите со Техеран одат „многу добро“.

На состанокот на министрите во Белата куќа, Трамп изјави дека Иран дозволил 10 танкери за нафта да поминат низ Ормутскиот теснец, оценувајќи дека овој потег ја покажува сериозноста на Техеран во преговорите за ставање крај на војната. Тој врши притисок врз Иран да се согласи на договор што ќе обезбеди премин на танкери за нафта и ќе ја прекине нуклеарната програма на Техеран.

Иран им забранува на бродовите што ги смета за поврзани со воените напори на САД и Израел да поминат низ Ормутскиот теснец, но дозволува мал број други бродови да поминат низ важниот воден пат, кој транспортира 20 проценти од светската нафта.

На состанокот на владиниот кабинет Виткоф потврди дека САД презентирале план од 15 точки како рамка за мировен договор и додаде дека на почетокот на преговорите било сосема јасно дека Иран нема да се согласи на договор што би ги исполнил целите на Вашингтон, пренесува Скај њуз.

Иран го испрати својот официјален одговор на планот за прекин на огнот од 15 точки предложен од САД преку посредници и чека одговор од Вашингтон, објави вчера полуофицијалната иранска новинска агенција Тасним, повикувајќи се на извор. Индиректните разговори меѓу САД и Иран се водат, а пораките ги пренесува Пакистан, изјави пакистанскиот министер за надворешни работи Мохамед Ишак Дар во објава на социјалните мрежи во четврток.

На маргините од состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Франција, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, изјави

„Го покренуваме ова прашање, дека гледаме дека Русија му помага на Иран со разузнавачки податоци за да ги таргетира Американците, да ги убива. И Русија сега го поддржува Иран со беспилотни летала, за да можат да ги нападнат соседните земји, а исто така и американските воени бази. Значи, овие војни се многу меѓусебно поврзани. Значи, ако Америка сака војната на Блискиот Исток да престане, Иран да престане да ги напаѓа, тие треба да извршат притисок врз Русија за да не можат да им помогнат во ова.“

Воедно таа напомена дека Европска Унија е загрижена поради притисокот на САД врз Украина да направи територијални отстапки во преговорите со Русија.