Loading Video...
Свет
28. јуни 2026 - 16:39

Преглед на вестите од светот

Најмалку 11 лица загинаа кога мал авион со група падобранци се урна во близина на градот Нанси во Франција.

Авионот паднал ненадејно во населено место. Во него имало група падобранци – студенти и инструктори. Француските медиуми пренесуваат дека дел од жртвите биле медицински сестри, а групата била на обука за скокови со падобран. Итните служби веднаш пристигнале на местото на несреќата. Истрагата за причините за падот е во тек.

Венецуела и натаму се бори со последиците од двата разорни земјотреси. Бројот на загинати се искачи на 1.430, додека повеќе од 55.000 луѓе сè уште се водат како исчезнати. Спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по преживеани.

Една од ретките добри вести е спасувањето на 11-годишно момче, кое беше извлечено живо од урнатините во крајбрежната држава Ла Гуаира по шестчасовна акција. Спасувачите велат дека секој спасен живот е вистинско чудо.

Оштетени се речиси 1.500 објекти, а повеќе од 3.100 семејства останале без дом. Регистрирани се и над 430 последователни потреси, од кои најсилниот денес достигна јачина од 4,5 степени според Рихтер.

Во меѓувреме, меѓународната помош продолжува да пристигнува. Европската Унија одвои пет милиони евра итна помош и го активираше сателитскиот систем „Коперникус“ за мапирање на штетите и поддршка на спасувачките операции. Во Венецуела веќе се распоредени повеќе од 2.700 спасувачи и медицински тимови од 24 земји.

Соединетите Американски Држави извршија нови воздушни напади врз повеќе цели во Иран. Погодени биле воени објекти поврзани со дронови, радарски системи, комуникации и противвоздушна одбрана, особено во регионот околу Ормутскиот теснец.

„Може да дојде момент кога повеќе нема да можеме да бидеме разумни и ќе бидеме принудени воено да ја завршиме работата што многу успешно ја започнавме. Ако тоа се случи, Исламската Република Иран повеќе нема да постои“, напиша Трамп.

Иранските власти тврдат дека одговориле со напади врз американски воени позиции во регионот, меѓу кои и во Кувајт и Бахреин, што дополнително ја зголеми напнатоста во Персискиот Залив.

„Ги повикувам сите страни да не се мешаат во управувањето со Ормутскиот теснец или во аранжманите што ги прави Исламската Република Иран за повторно отворање на теснецот. Тие треба да се придржуваат до потпишаниот меморандум за разбирање и да не дозволат тој да биде попречен“, вели Абас Аракчи, министер за надворешни работи на Иран.

Земјите од регионот реагираат со загриженост и повикуваат на смирување на ситуацијата.

Иран и САД меѓусебно се обвинуваат за кршење на сè понесигурниот привремен договор потпишан пред помалку од две недели за ставање крај на нивната четиримесечна војна.