Преглед на вестите од светот
Со комеморативен собир пред Железничката станица во Нови Сад денеска се одбележуваат две години од уривањето на бетонската надстрешница, во трагедија во која загинаа 16 лица.
Точно во 11:52 часот, кога се случи несреќата на 1 ноември 2024 година, присутните со 16-минутен молк им оддадоа почит на загинатите.
Граѓаните пристигнаа во три колони од различни делови на градот, на повик на студентите.
Почит на загинатите им беше оддадена и во други градови низ Србија. Во Краљево граѓаните одржаа 16 минути молк пред Градското собрание, додека во Чачак пред гимназијата палеа свеќи и им оддадоа почит на жртвите.
Собири беа одржани и во Ниш.
Две години по трагедијата, прашањето за одговорноста сè уште останува отворено. Иако е поднесено обвинение против 13 лица, главното судење сè уште не е започнато.
Можен терористички напад во Москва. САД ја предупредиле руската Федерална служба за безбедност дека се подготвува терористички напад во Москва, по што биле преземени соодветни безбедносни мерки.
Информацијата била доставена во петокот, 31 октомври, преку воспоставените канали за соработка меѓу двете земји.
Во меѓувреме, Амбасадата на САД во Москва предупреди за можен напад со голем број жртви, кој би можел да се случи во саботата во музејскиот комплекс „Царицино“, во јужниот дел на руската престолнина.
По предупредувањето, комплексот „Царицино“, кој опфаќа палата-музеј и голем парковски простор, е привремено затворен, а пристапот до паркот е ограничен, објави руската новинска агенција РИА, повикувајќи се на безбедносни служби.
Овој случај потсетува на предупредувањето на Амбасадата на САД од март 2024 година за непосредна закана од екстремистички напад во Москва.
Само неколку дена подоцна, вооружени напаѓачи го извршија терористичкиот напад во концертната сала „Крокус Сити Хол“, во близина на Москва, при што загинаа повеќе од 140 лица.
Полицијата во Лисабон утринава растури камп со повеќе од 50 шатори поставени на плоштадот „Росиу“, каде што граѓаните протестираа против високите цени на становите и кириите.
Интервенцијата следуваше по масовниот протест во саботата, на кој илјадници граѓани побараа владата да го повлече предлог-законот за закупнини.
Демонстрантите стравуваат дека предложените измени дополнително ќе ја влошат станбената криза во земјата.
Протестите се одржуваат во услови на сериозна станбена криза во Португалија.
Од 2017 година, цените на недвижностите се повеќе од двојно зголемени, а кириите за новите договори за изнајмување речиси се удвоени.
Младите се меѓу најпогодените, бидејќи сè потешко можат да си дозволат сопствен дом или изнајмување стан.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
