Loading Video...
Свет
3. November 2026 - 19:40

Преглед на вестите од светот

Најмалку 30 лица загинаа во руски воздушен напад врз училишна зграда во Запорошката област во југоисточниот дел на Украина, изјавија украинските власти. Објектот служел како засолниште за цивили и центар за дистрибуција на хуманитарна помош, а нападот бил извршен токму во моментот кога се делела хуманитарна помош, соопшти претседателот Зеленски.

Тврди дека руските сили фрлиле 9 авионски бомби во областа, а над 50 лица се водат како исчезнати. Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот ги таргетирал украинските воени единици во областа. Во меѓувреме, американскиот специјален пратеник Стив Виткоф потврди дека претставници на Киев, Москва и Вашингтон следната недела треба да се сретнат на дводневни разговори во Абу Даби.

Разговорите ќе се фокусираат на безбедносните договори за период по војната, деескалацијата, хуманитарната помош и следните чекори кон мирот, соопшти Виткоф на платформата Х.

Во Соединетите Држави се одржуваат меѓуизбори на кои се одлучува идниот состав на Конгресот. Граѓаните ги избираат сите 435 претставници во Претставничкиот дом и 35 од вкупно 100 места во Сенатот. Меѓуизборите, кои се одржуваат на половина од четиригодишниот претседателски мандат, традиционално се сметаат за еден вид референдум за политиката на актуелниот претседател.

На ова гласање, Американците ја оценуваат работата на Доналд Трамп. Ако се задоволни, партијата на претседателот обично поминува подобро. Партијата на Трамп, Републиканците, во моментов имаат тесно мнозинство во Претставничкиот дом со 218 места, а го контролираат и Сенатот со 53 сенатори. Од 35 сенатори за кои се одлучува на изборите, 22 во моментов ги држат републиканците, а 13 демократите.

Изборите се одвиваат во услови на сериозен економски притисок врз американските граѓани, предизвикан од растот на цените, трговските тарифи и војната против Иран

-Што се однесува до овие избори, сметам дека е навистина, навистина важно луѓето да излезат и да гласаат, наместо само да се жалат. Бидејќи, честопати можеме само да седиме и да се жалиме – на пример, кога ќе отидеме во продавница и ќе речеме: „Леле, колку сè поскапе!“. Па, ако веќе сакате да се жалите, навистина треба и да преземете нешто.

-Никогаш повеќе не би можел да гласам за демократ, едноставно не би можел.

Според анкетите, Демократите би можеле да го освојат мнозинството во Претставничкиот дом, додека во Сенатот нема јасна слика за исходот. Ако Демократите освојат мнозинство во еден или во двата дома, за Трамп ќе стане многу потешко да спроведува промени во внатрешната и надворешната политика во остатокот од мандатот без нивно одобрение, а исто така ќе може да иницираат истраги преку конгресните комисии.