Loading Video...
Свет
5. July 2024 - 12:18

Преглед на вестите од светот

Британските лабуристи остварија најубедлива победа во последните 192 години. Според првичните резултати од вчерашните избори во Велика Британија Лабуристичката партија на Кир Стармер ќе освои апсолутно мнозинство во Долниот дом на британскиот парламент. Доколку прогнозите се покажат точни, тоа значи дека Кир Стармер ќе стане новиот премиер на Велика Британија.

Според проекциите, лабуристите треба да имаат 410 мандати во Долниот дом на британски парламент кој брои 650 члена. По 14 години на власт, конзервативците ќе заминат во опозиција и според излезните анкети, ќе имаат 131 пратеник. Ова за нив е најлош изборен резултат во повоената историја.

Лидерот на лабуристите, кој се очекува да биде идниот британски премиер, синоќа ѝ се обрати на јавноста со ветување дека неговата влада секогаш ќе ја става државата на прво, а партијата на второ место. Ваков мандат, оцени Стармер, доаѓа со голема одговорност. Додаде дека неговата влада ќе се фокусира на национална обнова.

Сè уште актуелниот премиер на Британија, Риши Сунак, го призна изборниот пораз.

Американскиот претседател Џо Бајден повтори дека „нема намера да замине“ соочен со на повиците од многу демократи да ја прекине својата кандидатура за реизбор.

Тој ја искористи прославата на Денот на независноста за да возврати на сомневањата за неговата издржливост и ментална острина.На насобраните луѓе им одговори дека ќе остане во трката и покрај зголемените повици за негово повлекување.

Бајден минатата недела имаше катастрофален настап на дебатата со Доналд Трамп. Американската јавност дебатира дали 81-годишниот претседател е во психофизичка состојба да ја води најголемата светска сила.

Само неколку дена по поестата на Киев и средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан е во посета на Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Орбан во Москва е придружуван од шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел остро го критикуваше Орбан, истакнувајќи дека актуелното претседавање на Унгарија со ЕУ нема мандат да соработува со Русија во име на ЕУ. Неименуван висок дипломат на ЕУ наведе дека Орбан не информирал ниту една од институциите за патувањето во Москва.

Последната средба на Орбан со Путин беше во октомври 2023 година.