Loading Video...
Свет
24. August 2024 - 16:27

Преглед на вестите од светот

Три лица загинаа, а осум се повредени во напад со нож во германскиот град Солинген. Непознат маж влетал на фестивал по повод годишнината на градот и неселективно ги напаѓал посетителите и избегал.  Сè уште не е јасно кој бил мотивот за нападот, а надлежните ги повикаа луѓето да избегнуваат какви било шпекулации. Најголемиот проблем со кој се соочува полицијата е што речиси и да нема информации за напаѓачот, кој успеал да побегне во паниката и метежот што настанал по нападот.

Би сакале да имаме прецизен опис на сторителот. Тоа е тешко. Сведоците се во шок и не можат да зборуваат во моментов. Сите тие се згрижени. Мораме сè да составиме како сложувалка за да можеме да ги прошириме нашите активности за пребарување на сторителот“ – Александар Креста, портпарол на полицијата

Во моментов моите мисли и чувства се со жртвите, со членовите на семејството, со роднините на повредените. И сè што можеме да направиме сега е да се молиме оние кои се сериозно повредени да го поминат ова“ - Херберт Реул, министер за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија

Околу 75.000 луѓе требаше да го посетат Солинген овој викенд. На тридневниот фестивал беа предвидени концерти и театарски претстави на повеќе места.

Еден полицаец е повреден откако автомобил експлодираше на паркинг на синагога во францускиот град Ла Гранде-Мот. Локалните медиуми соопштија дека два автомобили биле запалени, а во едниот имало боца со плин. Надлежните го нарекоа инцидентот намерен напад и рекоа дека обезбедувањето на еврејските институции ќе да се засили. Полицијата трага по осомничениот. Франција бележи пораст на антисемитски инциденти по конфликтот меѓу Хамас и Израел.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе и се одмазди на Русија во говорот по повод 33-тиот Ден на независноста на Украина.

Украинците секогаш си ги враќаат долговите. И кој посака беда на нашата земја, ќе ја најде во својот дом. Со камата. Кој сака да сее зло на нашата земја, ќе ги жнее неговите плодови на својата територија“ – Володимир Зеленски, претседател на Украина

Зеленски денеска го потпиша законот за забрана на Руската православна црква. Ова следи по низата обвинувањата дека ја помага руската инвазија на Украина преку ширење проруска пропаганда и засолниште за шпиони.

Украина го започна својот ненадеен напад врз рускиот регион што е најголемата инвазија на Русија од Втората светска војна, во операција за која Киев вели дека има за цел да направи тампон зона и да ја уништи руската воена машина.