Loading Video...
Свет
22. October 2024 - 12:24

Преглед на вестите од светот

Пет лица се убиени во куќа во близина на Сиетл, а за убиствата е осомничено 15-годишно момче, соопштија властите на американската сојузна држава Вашингтон. Двајца возрасни и три деца се убиени, а едно девојче е рането во престрелка во округот Кинг, соопшти полицијата. Осомничениот е приведен без инциденти. Засега не е познат мотивот на злосторството, ниту дали сите инволвирани во овој трагичен настан се поврзани со семејството.

Во Казан од денеска до четврток ќе се одржи 16.тиот самит на Брикс. Кинескиот претседател Си Џинпинг е меѓу лидерите кои ќе присуствуваат на Самитот на покана на рускиот претседател Владимир Путин. Самитот е првиот што се одржува по проширувањето на БРИКС во јануари кога во групата беа вклучени Иран, Египет, Етиопија, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Утрово повторно се слушнаа силни експлизии во Бејрут во јужниот дел од градот, а чад имаше во близина на аеродромот каде авио сообраќајот се одвиваше со полетувања и слетувања. Инаку бројката на загинати се приближи до 2.500, откако едно дете и тројца возрасни загинаа, а 24 други се ранети во израелски напад во близина на главната владина болница во либанската престолнина, соопшти националното Министерство за здравство.

Хезболах информираше дека истрелал проектили кон израелската воена разузнавачка база на периферијата на Тел Авив и лансирал проектили и артилериски гранати врз повеќе цели во северен Израел.

Израелските служби за итни случаи соопштија дека нападот резултирал со полесно повреден човек во северен Израел, а израелската армија возвратила подоцна во текот на денот, уништувајќи го ракетниот фрлач на Хезболах. Израел вели дека има за цел да ги истера борците на Хезболах од пограничниот регион за да можат десетици илјади Израелци да се вратат во домовите од кои беа принудени да ги напуштат изминатата година поради прекуграничниот оган на Хезболах во знак на солидарност со Палестинците за време на војната во Газа.

Најмалку две лица загинаа, а тројца се повредени во понеделникот во очигледен напад со наведувана ракета врз автомобил во областа Мазех во Дамаск, соопшти сириската државна телевизија, цитирајќи воен извор. Изворот го припиша нападот на Израел. Израелската војска веднаш не коментираше.

Бројот на загинати од тропската бура Оскар достигна најмалку шест лица, рече кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел. Според најновиот извештај на Институтот за метеорологија, Оскар бил намален на тропска бура, откако почнала да слабее во неделата и се прогнозира дополнително слабеење.

Силните ветрови и обилните врнежи корнеа дрвја и на места расфрлаа урнати далноводи, поплавите се најголемиот проблем за населението, кое има проблеми и со електричната енергија, а и сериозни се проблемите со храна, гориво и лекови.