Loading Video...
Свет
12. November 2024 - 12:34

Преглед на вестите од светот

Во Белград пред Владата и претседателството на Србија синоќа се одржа протест поради уривање на настрешницата на зградата на Железничката станица во Нови Сад, во кое загинаа 14 лица, а три беа тешко повредени. Протестот беше организиран од опозициските партиии и движења, а започна со минута молчење и читање на имињата на загинатите. Откако се собраа пред Владата на Србија, протестната колона се упати низ улиците кон Претседателството на Србија, каде беа поднесени барањата. Едно од барањата е оставка на премиерот на Србија, Милош Вучевиќ и на градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.

Исто така, побарано е објавувањето на сите тајни договори поврзани со реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, итно апсење на сите одговорни и ослободување на сите приведени, како и вонредна контрола на сите инфраструктурни проекти кои се започнати или спроведени во изминатите десет години.

 

Обвинителството во Нови Сад покрена истрага за несреќата во која соопштија дека се сослушани најмалку 53 лица, а единствена оставка досега ја поднесе министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ.

 

Палестинското исламистичко движење „Хамас“ ги повика вчера арапските и муслиманските земји да ги исполнат изјавите дадени истиот ден на нивниот самит во Ријад и да го принудат Израел да ја прекине својата „агресија“.

-Потврдувањето на националните права на нашиот народ, од кои првото е формирање на независна палестинска држава со главен град Ерусалим, бара итни напори и практични решенија за да се принуди (Израел) да ја запре својата агресија и геноцид врз нашиот народ, рекоа од Хамас.

„Хамас“ изразува и надеж дека земјите од арапските и муслиманските земји ќе можат „да им пружат помош на жителите на Газа за ставање крај на блокадата на енклавата“

 

Некои училишта во Валенсија повторно беа отворени вчера по поплавите, кои оставија катастрофални последици, но сепак многу ученици не беа во можност да присуствуваат на наставата и по две недели. И покрај огромните напори на граѓаните и на волонтерите за чистење на училиштата, многу од објектите се оштетени од поплавите и се надвор од употреба. Некои семејства изјавија дека не знаат кога нивните деца ќе можат да се вратат на училиште и се  против прераспределбата по групи, барајќи од регионалната влада да им дозволи на децата да бидат заедно.