Преглед на вестите од светот
Украина денеска одбележува 1.000 дена од целосната инвазија на Русија, со уморни трупи кои се борат на бројни фронтови, Киев опколен од чести напади со беспилотни летала и ракети.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето видео обраќање се обрати од североисточниот град Купијанск во регионот Харков. Градот, сега е на само 2,5 километри од линијата на фронтот. Купијанск беше заземен од руските сили во првите денови на инвазијата на Русија во февруари 2022 година, а потоа повторно заземен од Украина во контраофанзива подоцна. Зеленски претходно беше и во посета на источната линија на фронтот кај градот Покровск во Доњецката област. Неговата посета доаѓа еден ден откако администрацијата на Џо Бајден и дозволи на Украина да истрела американски проектили длабоко во Русија.
Русија информираше дека нејзините сили извршиле напади врз енергетската инфраструктура и воените објекти во Украина. Руските сили продолжиле со нападите на украинските вооружени сили во областа Курск, додека Генералштабот на украинските вооружени сили извести за најинтензивни борби во правците Курахове и Покровск.
Германскиот канцелар Олаф Шолц го бранеше својот разговор со рускиот претседател Владимир Путин како стратешка неопходност.
„Според мене, беше и сè уште е вистинската работа да се разговара со рускиот претседател, бидејќи ова мора да му биде јасно: Тој има одговорност. Тој мора да ја заврши војната, тој мора да ги повлече војниците , рече Шолц од самитот на Г-20 во Бразил.
Шолц доби критики за едночасовниот разговор со Путин во петокот, што беше негова прва директна комуникација со рускиот лидер во речиси две години.
Претседателот на САД, Џо Бајден ги повика земјите-членки на Г20 да го поддржат суверенитетот на Украина, на првата пленарна сесија на Самитот Г20, што се одржува во Рио де Жанеиро. Toj исто така ги повика земјите-членки на Г20 да „го засилат притисокот врз Хамас“ со цел да се постигне прекин на огнот во Појасот Газа.
САД ќе објават дополнителна безбедносна помош за Украина во наредните денови, изјави американската амбасадорка во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд.
Европската унија е загрижена од извештаите за Иран, Северна Кореја и Кина кои произведуваат и снабдуваат комплетни системи за оружје на Русија за нејзината војна во Украина, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ, Борел, по состанокот на ЕУ во Брисел. „Без Иран, и без Кина, Русија не може да ги поддржи своите воени напори“.
Највисокиот дипломат на ЕУ исто така, ја опиша војната во Газа во урнатини како „апокалиптична“, нарекувајќи ја „војна против децата“. Канцеларијата на ОН за човекови права минатата недела соопшти дека речиси 70 отсто од жртвите што ги потврдила во војната биле жени и деца и го осуди, како што го нарече, систематско кршење на основните принципи на меѓународното хуманитарно право.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар