Преглед на вестите од светот
На француската влада на премиерот Мишел Барние синоќа со мнозинство гласови и беше изгласана недоверба во Парламентот, по што Барние денеска ќе поднесе оставка до претседателот Емануел Макрон. Според француски медиуми, Макрон вечерва ќе и се обрати на нацијата. Недоверба беше изгласана во долниот дом на француското национално собрание со гласовите на пратениците на екстремната левица и екстремната десница, јави дпа.
Со ваквата очекувана разврска во парламентот Франција запаѓа во политичка криза, по само тримесечното управување на малцинска влада на премиерот Барние. Колапсот, што беше предизвикан од предлог буџетот на Барние за штедење, ја втурна земјата, која е еден од најмоќните европски играчи, во подлабоки политички превирања среде големите економски предизвици, наведува ДПА.
Последен пат една француска влада била соборена со гласање недоверба во далечната 1962 година.
Барние, конзервативниот француски политички ветеран, кој ги водеше преговорите на Европската унија со Велика Британија за излезот на земјата од ЕУ, на оваа функција беше поставен од претседателот Емануел Макрон во септември годинава.
Франција, е втората по големина економија во еврозоната, и се соочува со зголемен буџетски дефицит што ги уништува француските акции и обврзници и ги зголемува трошоците за задолжување, пренесе ДПА.
Владата на Јужна Кореја понуди колективна оставка поради политичката криза предизвикана од одлуката на претседателот Јун Сук Јеол да воведе вонредна состојба, соопштија денеска официјални лица.
На состанокот свикан од премиерот Хан Дук-су, речиси сите министри, понудија колективна оставка поради политичката криза што избувна откако претседателот на Јужна Кореја нареди воена состојба и потоа го откажа истиот ден, но откако неговата извршна наредба не мина на гласањето во Парламентот.
Министрите се сметаат за одговорни за оваа одлука, па решија да поднесат оставка. Премиерот Хан апелираше до владата да продолжи да ги извршува своите должности. Претходно, високи советници од претседателскиот кабинет, вклучително и шефот на кабинетот на претседателот, понудија оставки.
Јужнокорејската полиција соопшти дека почнала со истрага против претседателот поради „бунт“.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар