Преглед на вестите од светот
Во Србија денеска почнува генерален штрајк или „општа граѓанска непослушност“. „Не одиме на работа, не одиме на предавања, не ги извршуваме секојдневните обврски. Ја земаме слободата во свои раце. Вашето учество прави разлика“, напишаа студентите на Инстаграм.
Најавено е дека во 11:52 часот на повеќе локации во Србија ќе има оддавање почит за загинатите во несреќата на железничката станица во Нови Сад, по што ќе се одржи генерален штрајк, јави Бета. За во 14 часот е закажан протест во организација на Протестниот одбор на адвокатите пред зградата на Претседателството на Србија. Коалицијата за слобода на медиумите ја поддржа акцијата за генерален штрајк и ги повика членовите на таа организација да се приклучат. Поддршка на акцијата најавија бројни компании, здруженија и политички партии.
Во исто време – денеска – претседателот на државата Александар Вучиќ формира „народно движење“ . Тој и владејачката Српска напредна странка повикаа на голем митинг во Јагодина што треба да го одбележи формирањето на „народното движење за пристојна Србија“.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во четвртокот дека сака веднаш да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин за да се реши украинската криза. Претходно истиот ден, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека Русија е подготвена за „еднаков и почитуван“ дијалог со Соединетите Држави и дека чека слични сигнали од американска страна, но досега не видела такви. Што се однесува до заканите на Трамп со санкции доколку Русија не успее да постигне „мировен договор“ со Украина, тој рече дека предупредувањето на американскиот претседател „ништо ново“.
Трамп додаде дека гледа многу добри односи меѓу САД и Кина и дека се надева дека Кина може да помогне да се стави крај на руската војна во Украина, а воедно тој изрази и желба да работи на намалување на нуклеарното оружје.
Шумскиот пожар што избувна во четвртокот во областа на планината Отај во Калифорнија, им создава нови проблеми на пожарникарите. Не се познати причините под кои избувнал пожарот. Јужна Калифорнија минува низ значителен преиод без врнежи од девет месеци, што придонесе за опасните услови и можности за пожар, сепак има најави за дожд од сабота (25 јануари) до понеделник (27 јануари), што веројатно ќе им помогне на пожарникарите.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар