Преглед на вестите од светот
Премиерот Албин Курти и неговата левичарска националистичка партија Самоопределување победија на парламентарните избори на Косово, покажуваат излезните анкети и првичните резултати на Централна изборна комисија (ЦИК).
За Самоопределување гласале меѓу 37% и 42% од избирачите, но владејачката партија предводена од Курти најверојатно ќе зависи од коалиционите партнери за да продолжи да владее. На изборите во 2021 година, Движењето Самоопределување имаше повеќе од 50 проценти од гласовите.
Без разлика на изборните постигнувања во водечките политички партии, 20 од 120 места во парламентот се резервирани за етничките малцински групи: 10 за Србите и уште 10 за другите, вклучувајќи ги Бошњаците, Турците и Ромите.
Можни се преговори меѓу Украина и Русија, но само со безбедносни гаранции од западните партнери, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за британската телевизија ИТВ Њуз. Зеленски рече дека е подготвен за каков било формат на преговори со Русија доколку има јасни гаранции дека САД и Европа нема да ја напуштат Украина.
Украинскиот претседател истакна дека е можно војната на Русија против Украина да заврши во 2025 година, но за да се случи тоа мора да се зајакнат санкциите против Москва, а Киев да добие безбедносни гаранции.
Најгледаниот спортски настан во светот финалето на американскиот фудбал или популарниот Супер бол се одигра ноќеска во Њу Орлеанс, а победа од 40:22 постигна екипата на Филаделфија Иглс, која го „прегази“ Канзас Сити Чифс.
Ова беше 59-то издание на Супербол во Њу Орлеанс. Со овој триумф Филаделфија им се реваншираше на Канзас за поразот пред две години во финалето, а воедно ги спречи по третпат во серија да го освојат престижниот пехар. Се беше готово во првото полувреме, а Филаделфија имаше и водство од 27-0.
Апсолутен херој на „орлите“ беше Џејлен Хертс, кој го доби и признанието МВП. Голема радост имаше кај фановите на Филаделфија, бидејќи ова е втора титула – првата ја освоија во 2017 година. Меѓу гледачите во Њу Орлеанс беше и фудбалската ѕвезда Лионел Меси.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар