Преглед на вестите од светот
Претседателот на Украина Володимир Зеленски во понеделникот изјави дека членовите на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп ќе допатуваат во Украина оваа недела, што е прва ваква посета во важен дипломатски момент во војната со Русија. Зеленски, се обидува да воспостави блиски односи со Трамп и брзо да стави крај на војната.
Тој очекува посетата да се случи пред Минхенската безбедносна конференција на 14-16 февруари, а планира да се сретне и со американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс на конференцијата во Минхен. Трамп потврди и дека неговиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог, наскоро ќе ја посети земјата, но не даде конкретни датуми. Американскиот претседател го задолжи својот пратеник да развие план за што побрзо завршување на војната во Украина.
Трамп го исполни ветувањето дека ќе воведе царини од 25 отсто на увоз на челик и алуминиум, засилувајќи ја долго ветената трговска војна и покрај предупредувањата од Европа и Кина. Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе воведе царини почнувајќи од 12 март.
„Утврдив дека увозот на челични производи од овие земји се заканува да ја наруши националната безбедност и решив дека е неопходно да се прекинат овие аранжмани од 12 март 2025 година“, рече Трамп во извршната наредба. Тој издаде посебна наредба за увоз на алуминиум.
Демонстрантите го блокираа автопатот Ајалон, кај Тел Авив, Израел во понеделникот вечерта. Тие протестираа за поддршка на заложниците во Газа, откако палестинската милитантна група Хамас соопшти дека го запира натамошното ослободување на заложниците. По неочекуваното соопштение на Хамас, семејствата на заложниците и нивните поддржувачи излегоа на улиците на Тел Авив за да ја притиснат израелската влада да не се откаже од договорот за прекин на огнот.
Хамас на ваков чекор се реши откако според нив има израелски прекршувања на договорот за прекин на огнот во Газа, што го зголемува ризикот од повторно разгорување на конфликтот.
Израел и нареди на војската да се подготви за „секое можно сценарио во Појасот Газа, додека дел од раселените Палестинци се враќаат во своите домови уништени од војната по повлекувањето на израелската војска.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар