Преглед на вестите од светот
Во утринските часови руската војска извршила ракетен напад врз Киев, соопштија украинските власти. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека најмалку едно лице загинало, а неколку пожари избувнале во станбени и нестанбени згради.
Неколку лица се повредени, меѓу кои и едно деветгодишно девојче, откако ракета погоди деловна зграда, соопшти Државната служба за итни случаи на Украина. Двајца од повредените завршиле во болница, но не се знае тежината на повредите. Експлозиите биле пријавени околу 4:30 часот по локално време. Воздушните тревоги беа укинати околу еден час подоцна.
Инаку, Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот изјави дека доколку се одржат преговори би предложил размена на територии што се под контрола на украинските сили во руската Курска област, во замена за враќање на украински територии кои моментално се окупирани од Русија. Тој не прецизираше кои украински територии би биле предмет на таква размена.
Русија моментално окупира околу 20 отсто од територијата на Украина, особено во источните и јужните региони. Широката инвазија трае речиси три години. Во август минатата година, Украина изведе неочекувана офанзива во западниот дел на руската Курска област, а и покрај руските контраофанзиви, сè уште контролира дел од освоената територија.
Поради настанатите тензии меѓу Израел и Хамас, голем број камиони со хуманитарна помош се во Египет и не минуваат во Газа. Официјални лица на Хамас изјавија дека Израел блокирал влез на 60.000 мобилни куќи и 200.000 шатори, како и тешка механизација за отстранување на урнатините и горивото.
Израелците продолжија со протестите во Тел Авив откако премиерот Бенјамин Нетанјаху во вторникот рече дека доколку Хамас не ги ослободи израелските заложници, армијата ќе ја продолжи својата офанзива во палестинската енклава. Тој изјави дека ако заложниците не бидат вратени како што е предвидено до сабота напладне, кревкиот прекин на огнот во Газа ќе заврши.
Американскиот претседател Доналд Трамп, рече дека Хамас треба да ги ослободи сите заложници до сабота напладне или ќе предложи откажување на примирјето меѓу Израел и Хамас.
Соработката меѓу Европската Унија и САД во справувањето со заедничките предизвици беше главна тема на средбата во Париз меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс.
Како што соопшти ЕК, на средбата Фон дер Лајен и Венс го потврдиле значењето на односите меѓу ЕУ и САД и нивната витална улога во денешниот геополитички пејзаж.
Фон дер Лајен, исто така, ја истакнала посветеноста на ЕУ кон постигнување праведен и траен мир во Украина, при тоа потенцирајќи ја потребата за продолжување на „единството во обезбедувањето непоколеблива поддршка“ за Киев.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар