Loading Video...
Свет
27. February 2025 - 12:22

Преглед на вестите од светот

Во Грција утре ќе биде одбележана со генерален штрајк двегодишнината од железничката несреќа кај Темпи во која загинаа 57 лица. Штрајкот буквално ќе ја парализира земјата, нема да функционира бродскиот, авионскиот и железничкиот сообраќај, дел од рестораните, таверните, кафулињата, ноќните клубови, театрите ќе бидат затворени, а закажани се над 340 протести во земјата и странство.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, синоќа инсистираше на потребата неговата земја да добие „безбедносни гаранции“ од Западот. Оваа порака ја испрати пред неговата најавена средба за утре во Вашингтон, каде треба да разговара со Доналд Трамп. Тој исто така рече дека за него „и за сите нас ширум светот, е важно да не престане помошта на Америка“.

Инаку Трамп ја потврди средбата со Зеленски и напомена дека дека Европа, а не САД, треба да ѝ дадат безбедносни гаранции на Украина како дел од планот за ставање крај на војната.

По неколкудневен ќор-сокак, египетските посредници обезбедија предавање на телата на последните четири заложници во првата фаза од договорот, за 620 Палестинци или приведени од израелските сили во Газа или затворени во Израел. Ослободените палестински затвореници пристигнаа во Европската болница во Кан Јунис во раните утрински часови во денеска каде на некои ќе им биде извршен медицински преглед.

Прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас стапи на сила на 19 јануари и нејзината прва фаза треба да заврши оваа недела, а судбината на следната фаза, која има за цел да стави крај на војната, останува нејасна. Првата фаза од прекинот на огнот опфати размена на вкупно 33 израелски заложници за околу 2.000 палестински затвореници и повлекување на израелските војници од некои позиции во Газа, како и прилив на помош.

Хамас денеска соопшти дека е подготвен да започне разговори за втората фаза.