Македонија
6. September 2024 - 16:33

Премиерот објавува намалени цени во дел од книжарниците, граѓаните се жалат дека нема намалување

Училишни ранци од 1850 на 984 денари, дрвени боици од 280 на 180, пастелни бои од 450 намалени на 309 денари- премиерот Мицкоски на социјалните мрежи објави намалени цени на училишнен прибор од книжарници и тврди дека мерката на Владата за замрзнување на цените дава ефект.

Цените на училишниот прибор се значително намалени, што го олеснува товарот на родителите и овозможува секое дете да тргне подготвено на училиште. Семејствата пак, ги чувствуваат позитивните ефекти, бидејќи со намалените цени се овозможува повеќе средства да останат за други важни животни потреби, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.

Во пракса пак, дел од граѓаните велат цените во книжарите се непроменети и двојно зголемени од лани. Ако тетратка до претходната година ја купувале за 50 денари, годинава е 100, што им претставува преголем трошок.

Дел од книжарниците започнаа да лепат нови цени, дел од нив им треба време да ги усогласат цените со новата мерка на владата за замрзнување на цените на училишниот прибор, а дел пак по фотографии на социјалните мрежи над училишниот прибор имаат залепено известување, дека нема да го продаваат поради промена на цените.

Од министерството за економија велат дека изминативе денови книжарниците имаа доволно време да ги променат цените, а од утре почнуваат да казнуваат.

По замрзнувањето на цените на училишниот прибор, во следниот период се очекува да се замарнзат цените и на основните прехранбени продукти, а листата со производи кои ќе се купуваат по пониска цена, може и да се прошири.

Казните за прекршителите се движат од 800 до 10,000 евра, во зависност од големината на субјектот.