Македонија
25. јуни 2018 - 21:15

Премиерот Заев ќе биде покровител на одбележување на 70 години од Институтот за национална историја

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев ќе биде покровител на годинашната прослава по повод 70 години од основањето на Институтот за национална историја (ИНИ), соопшти владината прес-служба по денешната средба на премиерот со делегација на ИНИ предводена од директорот Драги Ѓоргиев, кој воедно е и дописен член на МАНУ.

Делегацијата во чиј состав биле и професорите Марија Пандевска и Љубица Јанчева, го информирале премиерот Заев за подготовките на прославата како и за програмата за одбележување на оваа годишнина која ќе започне на есен со серија настани и промоција на 17 нови научни дела произлезени од проектите на ИНИ од минатата година. Во ноември годинава, ќе се одржи свечена академија и меѓународен научен симпозиум „Балканската историографија и современите предизвици“.

Премиерот Заев ги охрабри научните работници од ИНИ во реализацијата на меѓународниот научен симпозиум, на кој ќе учествуваат голем број истакнати историчари и други научни работници од регионот, Европа и светот.