Македонија
21. September 2017 - 21:12

Премиерот Заев се сретна со белгискиот колега Мишел

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во Њујорк се сретна со премиерот на Кралството Белгија, Чарлс Мишел.

Белгискиот премиер, како што соопшти владината прес-служба, го честитал изборот на Заев за претседател на Владата на Република Македонија и го поздравил, како што рече, лидерството, што го покажува премиерот Заев во предводењето на новата реформска Влада.

Реформски определената Влада придонесува на патот на Македонија на евро-атлантските интеграции, оценил премиерот на Белгија.

Мишел додал дека определеноста кон реформи согласно европските стандарди и добрососедските односи кон коишто видливо е определена Владата на Република Македонија придонесуваат во остварувањето на овие две стратешки цели на државата.

- Владата на Република Македонија вети квалитетен живот за граѓаните и преземаме чекори што тоа го обезбедуваат. Низ реформскиот процес, преточен во Планот 3-6-9 и иницијативноста за активна регионална и меѓународна соработка со пријателите на Македонија, отвораме можности и ги охрабруваме домашните и странските инвеститори да инвестираат во Македонија. Тоа сметаме дека ќе придонесе кон економски развој, како и кон реализација на аспирациите за членство во ЕУ и НАТО, рекол премиерот Заев.

Тој соопштил дека поради ваквите принципиелни политики на Владата на Македонија, Република Македонија со право очекува тргање на условеноста на препораката за ЕУ, а потоа и датум за преговори, како и покана за членство во НАТО.