Македонија
3. January 2025 - 12:25

Пренатрупаност во прилепскиот затвор

Пренатрупаност во прилепскиот затвор, во моментов лежат околу 145 затвореници, а капацитетот е само за 108 мина, поради оваа ситуација 100-тина осудени лица чекаат да се ослободи кревет за да ја отслужат казната. Истиот проблем е и на ниво на држава. Во моментов 2.400 лица издржуваат казна по сите затвори низ Македонија, а за да отслужат казна чекале уште околу 2.500. Поголемиот проблем со кој се соочува затворот е тоа што тој е од затворен тип или КПД, а не ги исполнува условите за тоа.

„Треба дупли периметар на ѕидовите кои го обиколуваат затворот и да имаме можност во павиљоните да се поделат лицата, односно дали се осуденици со третман од затворен тип, полу отворен или отворен тип. Прилепскиот затвор во овој момент не ги исполнува тие услови. Во период од неколку години прилепскиот затвор повторно да биде КПУ, односно казнено поправна установа, но најнапред треба да се подготви комплетниот пенитенцијален систем, односно да се извршат одредени инвестиции во затворот во Идризово, Шутка, Штип и во другите затвори, за да се обезбедат услови“, изјави Емил Јанески, директор на КПД затвор Прилеп.

Поради оваа ситуацијна во април годинава затворската полиција штрајкуваше бидејќи се плашеле за својот живот од заканите кои ги добивале и бараа повторно враќање на затворот од КПД, во КПУ, немале ниту обука за справување со ваков вид на потешки затвореници.

„Немаме доволно обучени полицајци и старосната граница на полицајците кои работат во КП Дом во Прилеп е висока, над 50 години, што значи потребно е освежување“, рече Јанески.

Проблем е немањето на доволно оружје и опрема која мора да се набави итно.

„Лоша е состојбата, немаме доволен број на оружје, вработените во затворската полиција од 2017 година воопшто немаат добиено униформи и интенција наша и на управата е да набавиме униформи, дел со средства од затворот, дел од опремата да набави Управата за извршување на санкции“, додаде Јанески.

За справување со оваа ситуација и избегнување Управата на затворот во последниве месеци максимлано ја засили дисциплината, ги одзеде сите мобилни телефони и оптимално ги искористува расположливите ресурси за избегнување инциденти.