Македонија
19. April 2016 - 18:42

Презентирана Стратегијата за рурален развој за Долно и Горно Лисиче 2016 - 2021

Стратегијата за рурален развој за Долно и Горно Лисиче 2016 - 2021 денеска беше промовирана во општина Аеродром.

Неодамна изготвената Стратегија, како што информира општина Аеродром, ќе биде од корист за руралниот дел на општината и претставува појдовна основа за секој индивидуален земјоделец и земјоделско стопанство, кои имаат намера да аплицираат за средства од ИПАРД програмата.

- Целта на Стратегијата, која е изработена врз основа на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2014 - 2020 на Република Македонија, е да се подготви и насочи стратешкото планирање во областа на руралниот развој, со развиена инфраструктура, воспоставени производствени капацитети во областа на земјоделството и развиена индустриска зона, соопшти општина Аеродром. 

Преку реализацијата на планираните активности се предвидува подобрување на конкурентноста на руралните средини, на квалитетот на животот на руралното население, зголемување на приходите, како и создавање нови можности за вработување.

Средствата за изработката на Стратегијата се обезбедени од буџетот на општина Аеродром и од европски фондови преку Министерството за локална самоуправа.