Македонија
11. April 2024 - 16:38

Приватните специјализанти од понеделник почнуваат генерален штрајк

Приватните специјализанти од понеделник почнуваат генерален штрајк. Нема да прегледуваат и лекуваат пациенти, ниту ќе дежураат со што ќе се преполоват лекарските тимови и може да се одрази врз функционирањето на клиниките и болниците.

- Под генерален штрајк се подразбира комплетно прекинување на извршување на задачите на соодветните работни места, прегледи на пациенти, оперативни зафати, интервенции, дијагностика, водење на амбуланти, медицинска администрација и се што е поврзано со извршување на работниот процес. Со ова не сакаме да им наштетиме на пациентите кои секогаш се во примарниот фокус на секој лекар, но сакаме да покажеме дека постоиме и колку се важни специјализантите во функционирањето на здравствените установи, изјави д-р Александра Георгиева, претседател на Здружението на лекари специјализанти.

На ваков радикален чекор приватните специјализанти се одлучиле бидејќи и покрај 6 месечните континуирани барања за поголема плата од речиси минималните 26.000 денари властите немале слух. Работат без здравствено осигурување, а платените дежурства им доцнат 4-5 месеци. И покрај предупредувачкиот протест и средбата со министерот не добиле гаранција за поголеми плати. Од ЗЛС потенцираат дека изборниот процес не е пречка за исполнување на нивните барања.

- Овие колеги работат со договор на дело и не подлежат на колективен договор кој би бил пречка во изборниот процес. Покачувањето на нивните плати не зависи од колективни договори. И второ не добивме уверување дека веднаш по завршување на изборниот киклусќе се покачат платите. Односно не е направена промена во покачување на буџетот на ФЗОМ по однос на ова ставка.

И во денешниот одговор од министерството за здравство за штрајкот на приватните специјализанти стои само ветување.

- По средбата со нив, е изготвен извештај и доставен на Влада, кадешто на некоја од седниците ќе дојде на разгледување со цел да се видат нивните барања и можните решенија во овој предизборен период, велат од здравство.

Во државата има околу 1000 приватни специјализанти, од кои 400-тини специјализираат и работат на Клинички. Ќе штрајкуваат се додека не добијат повисоки и нормални плати.