Македонија
29. November 2023 - 16:38

Приведен „балистот“ кој знамето на МПЦ-ОА го замени со знаме на Република Албанија

Еден приведен, а другиот е идентификуван и по него полицијата сè уште трага. Ова е епилогот од вчерашниот инцидент во дворот на манастирот „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка.

Двете лица кои носат облека со обележја на навивачката група Балисти од јарболот поставен на црковен имот го симнаа знамето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и го заменија со знаме на Албанија.

-Тој е приведен во полициска станица. Против него се документира случајот и во консултација со Јавен обвинител од ОЈО Тетово ќе биде поднесен соодветен поднесок. Додека, уште едно лице кое учествувале во симнувањето на знамето од јарболот е идентификувано од страна на полицијата и по него се трага, вели портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ.

Јавното обвинителство сè уште ја чека пријавата од МВР, но според информации на Сител, двете лица ќе одговараат кривично по членот 319, односно за разгорување на расна или верска омраза, раздор или нетрпеливост, за што е предвидена казна затвор од една до пет години.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски вели дека ваквите провокации се нарачани и имаат за цел да ги нарушат добрите меѓуетнички односи.

-Ова што се случува во последните месеци, можам да кажам, оди на штета на соживотот во државата и има за предизборна цел којашто е насочена кон подобрување на рејтинзите на субјектите коишто гледаме дека немаат да понудат реални политики и реални програми, вели пратеникот Велјановски.

Сител се обиде да добие став од тетовскиот градоначалник Касами, кој беше најгласен кога во дворот на манастирот беше поставен крст, но тој не одговори на нашите повици.

Претседателот на Комисијата за односи со верските заедници бара надлежните да преземат сè за сторителите да понесат одговорност.

-Сторилите мора да бидат најстрого санкционирани. Вакво поведение е недозволиво и ги подрива сите напори за градење здрави општествени односи во нашето кревко плурално општество, вели Даријан Сотировски.

Црквата инцидентот го прогласи за вандалски чин, но оттаму праќаат смирувачки пораки.

-Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на зачестените провокации и да бидат посветени на мирот и добрите меѓурелигиски односи, велат од Тетовско-гостиварската епархија.

Во пресрет на изборите, речиси традиционално, се будат старите духови кои подриваат меѓуетнички тензии за добивање поени и кај партиите од македонскиот и кај партиите од албанскиот политички блок.