Македонија
24. April 2016 - 18:24

Привршува уредувањето на велешкото езеро „Младост“

Викендов градежни екипи ангажирани од општина Велес интензивно работат на завршување на градежните работи за уредување на крајбрежјето на велешкото езеро „Младост“.

Се проширува и асфалтира патот на клучката кај двата мотели, се закрпуваат дупките, се средува пешачката патека околу езерото и нејзината околина, а се уредуваат и локации со камена подлога и се поставуваат дрвени  настрешници со клупи и маси за посетителите.

Од општината информираат дека се уредува и крапската патека за спортски риболов, а работите интензивно се одвиваат пред почетокот на годинешната летна сезона.

Како што појаснува градоначалникот Славчо Чадиев целта е крајбрежјето на езерото „Младост“ да стане уште попознат рекреативен центар за граѓаните на Велес, Скопје и други градови, но и за привлекување на што повеќе странски туристи.

За уредувањето се обезбедени средства во висина од 6 милиони денари од Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, а работите започнаа на 11 февруари годинава, информираат од општина Велес.

Во рамки на проектот кој  се реализира во изминатите два и пол месеци се поставени 88 клупи, 29 маси, 31 корпа за отпадоци и 41 настрешница, а се поплочени 1.700 метри квадратни површина.

Како што информираат од општината работите се интензивираат за да биде навреме завршено за првомајските празници и популарниот првомајски излет на велешани кај езерото „Младост“.