Македонија
14. јуни 2016 - 15:07

Проценета штетата од градежните работи во заштитеното подрачје на Водно

Над 800 илјади денари е проценетета штета во заштитното подрачје на Водно направена на крајот на мај годинава при извршување градежни земјени работи во заштитената зона во парк шумата Водно, на крајот од минатиот месец.

Град Скопје денеска соопшти дека при крајот на мај 2016 година во парк шумата Водно вршени се активности во заштитеното подрачје, кои не се во согласност со планските документи за заштитени подрачја, односно шума со посебна намена, во овој случај парк шума. Во местото викано „Рупи“ вршени се градежни земјени работи за пробивање земјени патишта и зарамнување на одредена површина.Со извршените земјени работи зафатена е вкупна површина од околу 5.864 квадратни метри, при што е извршено копачење односно отстранување на постојната вегетација, што е во спротивност со законот за шумите и други акти донесени од Градот Скопје.

При вршењето на градежните земјени работи извршено е оштетување и уништување на стебла од црн бор и стебла од разни листопадни  дрвја и природен подмладок од црн бор со старост над 3 години.

Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ ја информираат јавноста дека за настанатите штети во парк шумата Водно, во местото викано „Рупи“, на крајот од мај,  побараа од Бирото за судски вештачења да ги утврди околностите и висината на штетата што е настаната.

По добиеното стручно мислење, јавното претпријатие поднесе пријава против физичко лице до Министерството за внатрешни работи.

Врз основа на правилник за висина на цената за штети во шума (сл. Весник на РМ број 75/2010 год.) вредноста на штетата предизвикана со активностите во заштитеното подрачје, кои не со во согласност со планските документи за заштитеното подрачје, односно шума со посебна намена, во овој случај парк шума Водно, изнесува 403.200 денари за оштетени стебла од црн бор, 90.000 денари за оштетени стебла од листопадни дрвја и 360.000 денари за оштетен природен подмладок од црн бор.