Продавачите на стари книги ќе мора да ги напуштат тезгите од кеј до среда
Продавачите на стари книги на кејот во центарот на Скопје до среда ќе мора да ги напуштат тезгите на кои продаваат со години. Од Градот велат дека причината е тоа што немаат валидни документи.
„Дозволите кои некои од нив ги поседуваат датираат од минатото и се со истечен рок, повеќе од осум години. Тоа значи дека градот мора да постапи согласно законските обврски и да воспостави ред во користењето на јавниот простор“, велат од Град Скопје.
Од плоштадот Македонија веќе се отстранети сите тезги на кои се продаваа крофни, костени, пуканки.
„Град Скопје подготвува нов јавен повик со јасно дефинирани правила, нови локации и уредени, типски и унифицирани куќарки кои ќе бидат наменети за продавачите на книги, но и за оние што продаваат кондиторски производи. На повикот ќе имаат право да аплицираат сите заинтересирани, под еднакви и транспарентни услови“, појаснуваат од Градот.
Бобан Јанков, еден од продавачите на стари книги, за Сител вели дека до 2018-та секоја година си потпишувале договори и уредно плаќале кирија, а оттогаш до денеска, не им било понудено продолжување на договорот. Деновиве од градските инспектори усно им било кажано да се тргнат наредната недела. Велат додека заврши јавниот повик ќе поминат месеци, а тие ќе останат без работа. Затоа ќе бараат средба со градоначалникот Ѓорѓиевски.
„Треба да не известат што имаат во план, дали тука ќе прават нешто друго, дали ќе ни дадат нова локација, дали ќе бидат истите куќарки, дали нови ќе направат, со тоа што ние ќе останеме без работа одреден период. Тој вакуум период дури ги направат, ќе треба да направат тие оглас, дури тоа се реализир ќе поминат 5-6 месеци, а ние ќе останеме без работа. Ни рекоа во среда мора да се отселиме. Ако им сметаме тука, ако е предвидено нешто да се прави, со куќарките да не дислоцираат на некоја привремена локација, а кога ќе се направат новите да си се преселиме таму“ - Бобан Јанков, продавач на стари книги
Куќарките се поставени од Градот Скопје во 2011-та. Оттогаш, вели Јанков, не е вложен ниту денар за одржување, па самите продавачи се снаоѓале како знаат и умеат.
„Сами ставаме олуци, ако не можеме секоја година, секоја втора, премачкуваме, дрво е тоа, скапува. Кражби, кршење стакла, веќе се откажав затоа што 50 стакла сменив. Навечер е темница, тука крадат, кршат, колегава ќе го запалеа, среќа на време се реагираше, гореше куќаркава. Услови никакви, ни рекоа ќе ни стават тоалети, нема ништо. На почетокот имавме струја, светло, ни ги тргнаа струјомерите, светлата“ - Бобан Јанков, продавач на стари книги
За куќарките беа инвестирани 73 илјади евра.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
