Продолжува состанокот на Историската комисија
Во Скопје денеска продолжува втората од предвидените пет средби за оваа година на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија. На дневен ред се забелешките дадени од бугарската страна за средовековниот период за нашите учебници по историја за седмо одделение, откако беа разгледани македонските забелешки за бугарските учебници за шестто одделение.
Копретседавачот од македонска страна во заедничката македонско-бугарска Комисија, Драги Ѓоргиев за МИА изјави дека работата на Комисијата се одвива во позитивна атмосфера и доколку така продолжи, според него, ќе дојде до приближување на ставовите.
Во однос на прашањето за Гоце Делчев, кое се дискутира од аспект на заедничкото чествување, Ѓорѓиев за МИА вели дека тоа ќе се отвори на овој состанок, доколу остане време.
Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера го повтори ставот, изнесен на состанокот во понеделникот во Софија на шефовите на влади на земјите-членки на НАТО од Југоисточна Европа, на кој присустуваше и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, дека очекува во најскоро време заедничката историска комисија на Северна Македонија и Бугарија да излезе со резултати.
– Колку што сум информиран, напредокот е огромен. Се радувам, дека кога од двете страни има дух да работиме заедно, се постигнуваат успеси, рече Петков пред новинарите за време на посетата на Благоевград. Според него, има неколку клучни аспекти – кога ќе се отворат архивите и говорот на омразата, што сме направиле како механизам против тоа.
Петков додаде дека е важно што ќе биде ставено во потенцијалната преговарачка рамка, како на пример дали Уставот на Северна Македонија ќе ги вклучува правата на Бугарите и дали ЕУ ќе сака да биде гарант за тоа.
Во понеделникот, Петков рече дека има добри вести во однос на работата на историската Комисија и извести оти е постигнат напредок за важни историски личности во разговорите за надминување на разликите.
Ковачевски, пак, во Софија тогаш рече дека историчарите работат независно од политичкиот дијалог и од другите работни групи што работат на други прашања.
– На нашиот состанок тука во Софија, токму во оваа просторија, тие беа тука и кажаа дека ќе ја забрзаат својата работа и штом дојдат до заклучоци врз основа на нивната историска методологија тогаш можат да ја споделат со другите, изјави Ковачевски.
Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ) вчера излегоа со став дека какво и да е решението со Бугарија, мора да се врзе исклучиво со крајот на пристапниот процес на земјава во ЕУ.
– Македонската држава не треба да престане да разговара со Бугарија, но исто така никогаш не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на нашата државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност кон несогледливи последици. Обврските кои ќе ги преземе неповратно ќе ја определат нашата иднина и улога во ЕУ. Треба да сме свесни дека со прифаќањето на бугарските барања, тие стануваат дел од пристапниот договор на државата со ЕУ, ако и кога ќе дојде тој момент, се вели во документот на ИДСЦС и ЕПИ насловен „Бугарското вето на македонските евроинтеграции: Какво јаболко може да загризе Македонија“ кој, како што наведуваат, има за цел да ја информира општата и политичка јавноста и да го изостри нејзиниот фокус за суптилностите кои евентуалниот компромис со Бугарија мора да ги земе предвид.
Според двете тинк-тенк организации, во контекст на засилениот дијалог меѓу владите на двете земји, се наметнува потреба да и ги воочат на јавноста црвените линии преточени низ конкретни, а не декларативни принципи и решенија кои политиката мора да ги испочитува за да обезбеди трајно, вистинско и одржливо решение на проблемот со Бугарија.
Во однос на македонските црвени линии, наведуваат, недозволиво е внесување механизам за следење или спроведување на Договорот во преговорите (преку Преговарачката рамка). Во ваков случај, според нив, тој механизам би станал услов за текот на преговорите и процесот би се претворил во диктат од страна на Бугарија за исполнување услови кои немаат никаква врска со правото на Европската Унија.
Инаку, претходниот состанок на Комисијата се одржа во Софија и тој беше првиот оваа година, но и првиот по заедничката седница на владите на Северна Македонија и Бугарија на 25 јануари во Софија, со која и почна имплементирањето на новиот пристап кои го зацртаа Ковачевски и Петков во обидите да се реши спорот меѓу двете земји. Се формираа четири работните групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование, кои имаат интензивни состаноци, а петтата група, всушнот е историската Комисија, која продолжи со својата и работа и се обидува да го следи забрзаното темпо на останатите работни групи.
Во соопштението по последниот состанок во Софија беше наведено дека тој поминал во конструктивна атмосфера, а тогаш членовите на Комисијата, како што беше наведено, ја потврдиле посветеноста за одржување активен дијалог.
Според најавите, во текот на 2022 година би требало да се одржат пет средби на Комисијата. Досега Историската комисијата има дадено препораки до владите во Скопје и Софија за заедничко чествување на пет личности – Цар Самоил, браќата Кирил и Методиј и Свети Климент и Свети Наум Охридски.
Ново на Сител
-
Трет обид за ликвидација на Раде Трајковски Штекли - Фрлена бомба во двор на неговата куќа
-
Собранието ја стартува расправата за буџетот, поднесени над 300 амандмани
-
Таравари до Ахмети: Наместо избори, работете на реформи во партијата и адаптација во опозицијата
-
Утре стартува јавната дебата за реформи во судството
-
Само 12% од компаниите имаат вработени ит експерти, Македонија зад европскиот просек
-
Социјално ранливите се борат со глад
-
Преглед на вестите од светот
-
Минималец од 450 евра сега, во март ќе бараме повеќе