Бизнис
10. September 2020 - 15:21

Продолжува трендот на голема побарувачка за струмичките градинарски производи

 Продолжува трендот на голема побарувачка за струмичките градинарски производи, а најбарана е пиперката „ајварка“, информираат за МИА откупувачи и производители од регионот.

Оваа пиперка се откупува од 20 до 30 денари за килограм, а најмногу се пласира на пазарите во поранешните југословенски републики и во Европската унија.

-Со „ајварката“ работиме „турбо“. Прва класа се откупува за 30, а втората за 20 денари за килограм и неа ја откупуваме за преработувачите. Најмногу интерес за „ајварката“ има од сите поранешни југословенски републики и од повеќе европски пазари, рече Благој Витанов, откупувач од Струмица.

Информира дека и конзумното грозје има откупна цена од 20 до 25 денари за килограм, а корнишоните, во зависност од квалитетот и класите, се откупуваат од 8 до 43 денари за килограм.

-Покрај овие градинарски прозиводи има интерес и за фефероните, кои се откупуваат до 25 денари за килограм, долгата краставица од 30 до 35 денари, зелената пиперка е 30 денари, а доматите се откупуваат, исто така, за 30 денари за килограм. Имаме стабилни откупни цени и што е најважно сите кои имаат производство ќе им биде откупено, додава Витанов.

И производителите потврдуваат дека продолжува големиот интерес за вторите градинарски култури од регионот и не го кријат задоволството од откупните цени.

-За разлика од порано годинава приизводството е намалено, но и покрај тоа нас не радува што откупот продолжува со стабилни цени. Заради врнежите од дожд има намалување на приносите кај пиперката „ајварка“ на отворено, но под пластеници родот и добар и до крајот на сезоната според мои сознанија останува да се собере околу 30 отсто од производството. Со еден збор кажано вторите култури засега одлично поминуваат, изјави Ристо Велков од Сојуз на синдикат на земјоделски производители од Струмица.

Инаку, пиперката „ајварка“ годинава во Струмичкиот регион е засеана на над 2 илјади хектари и обично се одгледува на површините кои претходно се садат со пролетна зелка.