Бизнис
11. September 2018 - 10:17

Продолжува трендот на раст на осигурителниот пазар - најсилни автоодговорноста, каското, но и здравственото

Во првата половина од годината осигурителниот пазар бележи пораст од 6,36 проценти при што во последните три години е забележан највисок пораст во сегментот неживот, а сегментот живот забележа раст од 14,63 проценти.

Ова го наведува претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Климе Попоски во интервју за МИА.

Тој додава дека главни генератори на растот во секторот на неживот се порастот на автооддговорноста од 5,76 проценти. Пораст, вели, има и кај каското од 3,72 проценти, имотно осигурување има првпат во последните години пораст од 5,46 проценти.

Попоски потенцира дека пораст од 131 процент е забележан и кај здравственото осигурување.

- Особено имаме пораст кај приватното здравствено осигурување. Приватното здравствено осигурување во последните  три години доживува вистинска експанзија, односно граѓаните се повеќе купуваат полиси за здравствено осигурување бидејќи опсегот на ризиците што ги покриваат пакетите и продуктите што ги нудат посебно за третман и лекување по приватните здравствени установи се повеќе се препознава како голема придобивка за граѓаните. Раст кај здравственото осигурување има од  131 процент, вели Попоски.

Зголемување има и кај патничкото осигурување за 9,27 проценти.

Во делот на животното осигурвање потенцира дека растот е понизок отколку претходните години кога бројките беа околу 20 и оценува дека тоа е реален раст.

-Кај осигурувањето на живот имаме одредено забавување на порастот, бидејќи до предминатата година порастот секоја година изнесуваше најмалку 20 проценти, а оваа прва половина имаме пораст од 14,63 проценти. Нашите очекувања се сепак дека во сегментот на осигурување на живот ќе имаме одредено забавување на порастот, односно не можеме да очекуваме такви високи стапки на пораст од 20 проценти, бидејќи основицата е веќе зголемена.  Ова е реален пораст, посочува Попоски.

Во интервјуто уверува дека компаниите се добро капитализирани и солвентни и оти осигурениците можат да бидат сигурни во однос на исплатата.