Продолжуваат предизборните коалицирања
Во пресрет на претседателските и парламентарните избори, политичките партии во земјава продолжуваат со предизборните коалицирања. Предизборна делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), на крајот од неколкудневната посета на Северна Македонија оцени дека периодот пред изборите е стабилен и се очекува изборите да ги исполнат демократските стандарди.
Претседателката на Унија на Ромите, Фатима Османовска и лидерот на Демократската унија за интеграции, Али Ахмети, денеска во општина Шуто Оризари го потпишаа коалицискиот договор за приклучување на Унија на Ромите кон Европскиот фронт предводен од Ахмети.
Османовска порача дека Ромите ќе влезат во Европската Унија како рамноправни со сите граѓани, бидејќи како што рече, ромската заедница има високо образовен и стручен кадар, како и ромска политичка партија, за која рече, обединува и организира.
- Како заедница со децении наназад молиме за да се створи шанса за нас, ни велеа немате образовен кадар, немате политичка моќ, не сте организирани. Еве сме сега со високо образовен и стручен кадар со ромска политичка партија која што обединува и организира. Застанати пред европската врата, Ромите ќе влезат во ЕУ како рамноправни со сите граѓани, порача Османовска.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во своето обраќање истакна дека големо достигнување е тоа што Општина Шуто Оризари е единствената општина на ромска заедница во Европа и ѝ укажа на Османовска дека ја има поддршката од Албанците, бидејќи како што рече, тие знаат како е да се биде маргинализиран.
–Нашата земја мора да се интегрира во ЕУ и да има владеење на правото, а тоа заедно како Европски фронт мора да го постигнеме. ДУИ ќе направи сѐ што е потребно за во Собранието да има ромска претставничка, порача Ахмети.
Дел од Европскиот фронт на претстојните избори ќе биде и крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села. Одлуката да се приклучат на Европскиот фронт - коалицијата предводена од ДУИ, вчера, како што изјави Села, била донесена едногласно на седницата на Централното собрание на партијата.
-Одлучувавме за понудата од страна на Европскиот фронт, јас веќе ги објаснив позициите на АА - делегатите едногласно одлучија, еден беше против, и четворица возржани за АА да биде дел од Европскиот фронт, дел од одговорностите што треба да ги преземеме, за да нашата иднина биде уште подобра, рече Села.
Прашан за понудата од ДУИ за пристапување во Европскиот фронт Села рече дека очекуваат да добијат најмалку пет пратенички мандати.
-Бројот на пратеници ги одредува народот, гласачите, а не политичките партии. А ние сме се договориле во оваа коалиција, АА да ја зачува парламентараната група во Собранието. Но како резултат на гласањата од гласачите, овие бројки може и да се зголемат. Европскиот фронт ќе биде апсолутен победник на изборите. Од друга страна АА ќе има минимум парламентарна група, рече Села.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски завчера во седиштето на партијата потпиша коалициски договор со лидерите на партиите кои влегоа во „Коалиција за европска иднина“. Коалицискиот договор го потпишаа СДСМ, НСДП, ЛДП, Партијата за движење на Турците, Партијата на пензионери, ДОМ, ВМРО НП, Демократски сојуз на Власите во Македонија, ПОЕН, Сојуз на Ромите во Македонија, Десница, Партија за демократски просперитет на Ромите, СДА, а кон коалицискиот договор се приклучи и Движењето Нова Република.
„Коалицијата за европска иднина“, како што посочија, е целосно посветена на европскиот пат и има јасен план за европски животен стандард, просперитетна и развиена држава, во која функционира демократијата, владеењето на правото, социјалната правда. Коалицијата се залага за европски животен стандард за граѓаните, економски раст и развој преку директни вложувања и странски инвестиции, преку капитални и инфраструктурни инвестиции, но и преку поддршка на домашните компании, како и за достоинствен живот за пензионерите како основни постулати на предизборните активности и кампањи.
Достоинство и Демокартски сојуз кои веќе објавија дека излегуваат од владината коалиција и дека ќе и се приклучат на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ синоќа на седници на Извршниот и Централниот комитет ги потврди листите за пратеници за претстојните парламентарни избори закажани на 8 мај. Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање истакна дека на пратеничките листи нема да има претставници од новоприклучените коалициски партнери. Најави дека ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе го потпише договорот со коалициските партнери со кои ќе настапат на претстојните избори.
Коалициски договор за заеднички настап на претстојните избори завчера поптишаа и политичките партии ГРОМ – Граѓанска опција за Македонија, ИНТЕГРА - Македонска конзервативна партија и ПЦЕР – Партија за целосна еманципација на Ромите. Договорот беше потпишан од тројцата партиски лидери Стевчо Јакимовски на ГРОМ, Љупчо Ристовски на ИНТЕГРА и Самка Ибраимовски на ПЦЕР. Дел од програмата на оваа Коалиција „Храбро за Македонија“ со која ќе учествуваат на претстојните претседателски и парламентарни изборикои се непромена на Уставот, пораст на животниот стандард, социјална заштита на граѓаните, подобро образование, безбедносен систем.
Предизборна делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), која ја заврши посетата на Северна Македонија во периодот од 25 до 28 март, оценува дека периодот пред изборите е стабилен и се очекува изборите да ги исполнат демократските стандарди. Таа, исто така, посочува дека политичкото опкружување, веќе силно поларизирано, сè уште е многу динамично и се менува и ги повика сите засегнати страни да обезбедат дека кампањата ќе тече непречено до денот на изборите.
Шестчлената меѓупартиска делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа, по низа средби и посети на институциите и политички субјекти вклучени во изборниот процес, вчера излезе со проценка дека речиси сите политички сили во Северна Македонија се за европска интеграција на земјата и се надеваат дека ќе се најде решение за преостанатите пречки.
Делегацијата, во соопштението до медиумите, исто така нагласува дека била информирана дека не се адресирани низа долгогодишни препораки на ОДИХР, вклучително и препораки за усогласување на Изборниот законик, да се утврдат јасни процедури за мандат и именување на државните изборни комесари и да се обезбедат ефективни правни лекови за изборните спорови.
- Делегацијата беше задоволна што слушна за општата доверба во целокупниот професионализам на ДИК, но забележа помал степен на доверба во пониските изборни тела. Делегацијата со задоволство забележа општо ниво на доверба во точноста на избирачкиот список и методите на регистрација на избирачите. Сепак, доби информација дека вкупниот број на гласачи може да биде надуен поради граѓаните кои остануваат во евиденцијата и покрај тоа што живеат во странство. Исто така, со загриженост беше забележано дека на оние граѓани кои ќе наполнат 18 години меѓу првиот и вториот круг од претседателските избори ќе им биде одземено правото да гласаат за вториот круг од претседателските избори, се вели во соопштението од Делегацијата.
Во соопштението меѓу другото, се посочува дека партиите и кандидатите можат слободно да водат кампања. - Иако говорот на омраза не се смета за главно изборно прашање, делегацијата слушна за случаи на лични напади и обиди за заплашување против претставници на граѓанското општество, кои кулминираа со поттикнување насилство, па дури и смртни закани. Делегацијата најостро ги осудува ваквите практики кои се неприфатливи во европска демократија и изразува надеж дека надлежните органи итно ќе преземат силни мерки против сторителите на ваквите закани, се вели меѓу другото во соопштението.
ПССЕ ги претставува парламентарците од 46 европски нации и ги набљудува изборите во Северна Македонија во рамките на својот пост-мониторинг дијалог со земјата. Полноправна делегација на ПССЕ од 22 члена, придружувана од правни експерти од Венецијанската комисија, ќе го набљудува гласањето на 24 април 2024 година во рамките на меѓународната мисија за набљудување на изборите заедно со ОДИХР, а потоа и на 8 мај кога треба да се приклучат и делегации од Парламентарното собрание на ОБСЕ и од Европскиот парламент.
За една недела односно на 4 април започнува изборната кампања за седмите претседателски избори на кои во првиот круг на 24 април ќе се гласа за седум кандидати. Заедно со вториот круг од претседателските избори, на 8 мај ќе се одржат и парламентарните избори за кои до 2 април учесниците на изборите треба до ДИК да ги достават листите со кандидати за пратеници.
Ново на Сител
-
Пленковиќ: Претседателските избори во Хрватска ќе се одржат на 29 декември
-
Илир Мета останува во затворски притвор, најави жалба до Врховниот суд
-
Осумдневен притвор за 32-годишен скопјанец поради „тешка кражба на дрзок начин“
-
Се срамев од својот глас и не сакав да станам пејач | Александар Тарабунов | ПРОфесија | Sitel Podcast 071
-
Борељ и Муцунски потпишаа Партнерство за безбедност и одбрана
-
Амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 продолжува утре
-
Откриено оружје и војнички опрема во северно Косово, се претпоставува дека се поврзани со нападот во Бањска
-
Македонија и ЕУ потпишаа Договор за безбедносно и одбранбено партнерство