Македонија
13. July 2016 - 13:07

Проект за ефикасна превенција и сузбивање на измами и неправилности со ЕУ фондови

Институции од Литванија и Македонија во изминатите осум месеци во рамки на ЕУ твининг лајт проектот „Понатамошна соработка за ефикасна превенција и сузбивање на измамите и неправилностите со фондовите на ЕУ“ соработуваа за извршување проценка на законската и институционална рамка на системот за борба против неправилности и измами со европски фондови и како тој функционира, изработка на прирачници, организирање работилници за детекција на измами и неправилности и спроведување обуки за обвинители во делот за детекција и водење истраги за измами со ЕУ фондови.

Проект лидерот од Македонија Александар Тргачевски, истакна дека во рамки на проектот е изработен и стратешки документ Национална стратегија за заштита на финансиските интереси на ЕУ во Македонија за периодот 2017-2020 година.

Нагласи дека во Македонија веќе се водат неколку истраги за потенцијални измами со средства од ЕУ фондови.

Државениот секретар во Министерството за финансии Игор Димитров истакна дека преку проектот Управата за финансиска полиција добила одлична можност за соработка и помош од Министерството за финансии на Литванија.

Посочи дека во рамки на проектот е извршена проценка и анализа на законската рамка во областа на превенции и борба против измами и неправилности со ЕУ фондови и дека за Македонија е од големо значење вовоедувањето на европските практики во сите сфери, особено во финансиите и затоа учењето и споделувањето искуства со твининг партнерите се непроценливи.

Претставникот на делегацијата на ЕУ Мартин Клауке рече дека борбата против измами и корупција е клучен елемент во подготовката на земјата за пристап кон ЕУ, во однос на ефикасно управување со финансиите, отчетност, транспарентност и интегритет, и дека поради тоа е важно посочените измени да се усвојат во законодавството за подобрување на системот против измами и неправилности.

Носител на проектот од Македонија е Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии, а партнери од Литванија се Министерството за финансии, Централната агенција за спроведување на проекти, Управата за водење финансиски истраги, Државното обвинителство на Литванија и Специјалната служба за водење на истраги.

Претставникот на делегацијата на ЕУ Мартин Клауке, во однос на ИПА фондовите за Македонија, потсети дека Комисијата неодамна ја објасни загриженоста за непланирањето во клучните сектори и немањето политичка определба за секторски реформи и по општите определби, поради што донесе одлука за намалување на финансиската поддршка, како и да не продолжи со проектот за Коридорот 8.

- Европскиот суд на ревизори пред две недели упати на потребата да се покажат политичка волја во однос на реформите за да може поефикасна да биде европската помош и да се користат европските фондови. Стопирањата се во програмскиот дел поради немањето реформи и недоволна подготвеност и капацитет во одредени сектори, посочи Клауке.