Македонија
8. April 2017 - 18:19

Проект за развој на прекуграничен кластер за здравство

Центарот за развој на Источно-планскиот регион (ИПР), раководството на Клиничка болница-Штип и регионалното Здружение на лекари од Благоевградската област во Бугарија денеска на прес-конференција во Штип информираа дека успешно се реализира проектот „Интеграција на европските стандарди во здравството и иновативен пристап во насока за развој на прекуграничен кластер за здравство“.

Директорите на Клиничка болница-Штип, Елизабета Папарова и Александар Стојановски истакнаа дека бенефит од овие проекти ќе имаат лекарите и медицинскиот персонал, кои ќе имаат обуки и ќе разменуваат искуства со своите колеги од Бугарија, а исто така во рамки на овој проект ќе се набави и софистицирана опрема за Одделението уво, нос и грло.

Директорката на Центарот за развој на ИПР, Драгица Здравева вели дека овој проект е почнат од октомври 2016 година, а ќе се реализира до октомври годинава. Финансиран е од ИПА фондовите на ЕУ преку Програмата за Меуѓугранична соработка Македонија-Бугарија.

- Очекувам и се надевам дека соработка ќе продолжи и на вториот повик од Програмата за меѓугранична соработка со Република Бугарија, кој што го очекуваме да биде во месец септември со предлог проекти и со многу поголеми буџети, инфраструктурни проекти  и секако соработката да продолжи и на повиците на Програмата Балкан Медитеран и други европски фондови, рече Здравева. 

Координаторот на проектот, Александар Николов вработен во Центарот за развој на ИПР вели дека овој проект се реализира со буџет од 126.000 евра, кој е балансиран.Претставниците од регионалното Здружение на лекари од Благоевгтрадската област во Бугарија на денешната прес-конференција истакнаа дека ова е втора прес-конференција за овој проект. Првата се одржа во Бугарија, каде што веќе имаше  и размена на искуства и соработка меѓу лекарите од двете земји.