Македонија
17. јуни 2024 - 16:35

Проф. Садикарио: Од Струшкиот медицински факултет ќе излегува импровизиран кадар, а тоа е многу опасно

Импровизиран кадар ќе излегува од приватниот факултет за здравствени науки во Струга, смета пензионираниот професор на скопскиот медицински факултет Самуел Колономос Садикарио, доколку истиот добие акредитација и почне со работа. Тој ваквите високо образовни установи ги споредува со некогашните вечерни школи.

-Мислам дека нема никаков капацитет. Искрено убеден сум, имам предрасуди дека тоа е валкан мафијашки бизнис. Дека ќе се произведува импровизиран кадар, како некогашните вечерни школи, а тоа е многу опасно. Замислете да се направи школа за авијатичари (вечерна школа) за меѓународни летови, па тоа ќе биде помор и ова ќе биде помор, ако тоа се оствари, вели проф. д-р Самуел Колономос Садикарио, пензиониран професор на медицинскиот факултет Скопје.

Професорот Садикарио им порачува на властите сериозно да размислат зошто медицината не е играчка и животи се во прашање, па наместо да се отвараат високо образовни школи во секој град да се зајакне скопскиот медицински факултет кој се повеќе тоне на шангајската листа.

-Не мора подалеку да одат нека отидат до Белград. Еве да видат што прават во Белград и тоа да го применат тука, барем на шангајската листа малку да скокнеме па после да отвараме вакви шунд факултети би рекол, изјави професорот Садикарио.

Освен добро едуциран медицински кадар за подобро здравство неопходно е итно подобрување и на инфраструктурата и опремата, смета професорот Садикарио за да не се случуваат хаварии како со хируршките сали.

-Сега замислете колку луѓе ќе умрат поради немањето кислород а требало да бидат оперирани. За тоа некој треба кривично да одговара, вели професорот Садикарио.

Според него во Скопје е неопходен силен хируршки центар, а потоа модуларно да се решаваат интерните и останатите клиники како и лабораторија, а паралелно да се размислува и за Нов Клинички центар. Но пред се професорот Садикарио порачува државата да одвојува повеќе фунансии за овој клучен сектор за да имаме подобро јавно здравство.