Прогласен крај на епидемијата на мали сипаници
Министерството за здравство соопшти дека Комисијата за заразни болести констатирала дека се исполнети епидемиолошките услови за прогласување крај на епидемијата на мали сипаници на територијата на цела држава, со што престануваат да важат дополнителните мерки за контрола на епидемијата, предложени од комисијата.
Овој заклучок, како што се истакнува, е донесен по поминати 45 дена од последниот пријавен лабораториски случај на мали сипаници или два максимални инкубациски периода од последниот потврден случај.
Согласно донесените заклучоци од Комисијата, во тек е известување на сите јавни и приватни здравствени установи во државата за одјавување на епидемијата со морбили на ниво на цела држава. Комисијата препорачува во континуитет да се одржува висок опфат со МРП вакцина (над 95 проценти), со цел да се превенираат идни епидемии. Вкупниот број регистрирани случаи со морбили во нашата држава, од декември 2018 година до крајот на минатата недела изнесуваше 1.901 случаи со стапка на заболување од 91,9 на 100.000 жители. Според вакциналниот статус, вкупно 1.530 или 80,5 проценти од заболените деца биле невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус, стои во соопштението.
Согласно податоците од Институтот на јавно здравје, во текот на епидемијата е вакцинирани 44.497 лица на возраст до 14 години, а се аплицирани и дополнителни 6.305 дози од вакцината кај лица над 14-годишна возраст, од кои повеќе од 60 отсто кај здравствени работници, студенти на медицина, стоматологија и фармација, специјализанти и ученици во средните медицински училишта и останати контакти на заболените лица.
Со оглед на фактот дека болеста се регистрира во целиот Европски регион, можна е појава на поединечни импортирани случаи и ограничено ширење на болеста кај невакцинирани лица. Епидемиска појава од поголем обем во наредниот период не е веројатна, поради зголемување на опфатот на подлежната популација на возраст до 14 години над 95 отсто и намалување на бројот на осетлива популација кој дополнително е намален како резултат на вакцинацијата кај останатото население како против епидемиска мерка, под услов и во наредниот период да се одржува високиот опфат со вакцинација кај подлежната популација од над 95 отсто, согласно препораките на Светската здравствена организација, посочуваат од Министерството за здравство.
Ново на Сител
-
Повторно функционира амбуланта на Попова Шапка
-
Муцунски ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Јапонија, Сецуко Кавахара
-
Белгиска служба за државна безбедност: Се повеќе млади луѓе во Белгија се вклучени во тероризам
-
Непознати лица украле дел од тревник поставен на плоштад во атинска населба
-
Постар маж со нож им се закануваше на студенти на Медицинскиот факултет во Нови Сад
-
Нови сознанија за мистеријата наречена проѕевање
-
26-годишен турчин фатен со дрога во Гази Баба
-
Општина Делчево со парична поддршка за првороденото новороденче во 2025 година