Промоција на две нови книги од Киро Донев

Две новообјавени книги за деца, „Јамболија што лае“ и „Училишен театар“ од македонскиот писател Киро Донев денеска ќе бидат промовирани во Градската библиотека „Гоце „Делчев“ при Домот на културата „Крсте Мисирков“ во Свети Николе.
Издавач е Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје. И двете книги се илустрирани со оригинални цртежи на Миле Топуз, а ќе ги промовира Горјан Петревски.
По повод промоцијата ќе биде организирана и продажна изложба на книги на Киро Донев, со промотивни цени и со потпис на авторот.
„Јамболија што лае“ е роман сказна, во кој животните зборуваат, а главни ликови се домашни миленици – куче и маче, но и еден пензиониран зообиолог, неговата сопруга, која е учителка, и нивното внуче.
Еден од главните ликови, според кои е насловен романот, е едно рунтаво куче кое многу личи на парче јамболија. Во овој роман-сказна, се се случува меѓу сонот и јавето. Авторот детето го вооружува со фантазија, со ведар творечки дух и со здрава чувствителност. Така младиот читател може да види и да слушне се што прават и зборуваат јунаците од страниците на сказната.
„Училишен театар“ содржи близу четириесет пиески (едночинки) за деца, со теми од животот на современо дете: домот, училиштето, улицата, детската игра, природата... Покрај децата јунаци (главни и споредни), во пиеските се сретнуваат и „претставници“ на животинскиот и растителниот свет, но и птиците, инсектите и таквите мали-големи нешта од секојдневјето кои човекот не ги забележува многу, а се многу важни во животот и на луѓето, но и за рамнотежата во природата.
Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на четириесетина книги за деца, пред се прозни дела: романи, раскази, гатанки, повести, пиески и сликовници. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди во Република Македонија. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици.
Повеќето од книгите на Киро Донев се наменети за деца од помала возраст – од пет-шест до дванаесетгодишна возраст. Карактеристично за него е што во некои прозни дела раскажува во рима, со стихувани реченици и може да се доживува како своевидна поезија во проза, исполнета со инвентивен хумор.
Киро Донев има свој препознатлив стилско-лексички исказ, духовит и динамичен ритам со рима и во македонската литература има високо реноме на голем мајстор на прозата за деца од мала возраст и е меѓу најчитаните македонски автори за деца.
Ново на Сител
-

Уапсен 82-годишен маж, подолго време ја тепал својата 78-годишна сопруга
-

Кривична за 68-годишник од Демир Хисар, дома чувал четири различни видови на огнено оружје и 155 куршуми
-

Просечната нето плата во јуни 48.381 денар
-

Клековски: Средствата за прскање против комарци се безбедни за луѓето и се препорачани од СЗО
-

Мицкоски: Како држава годинава се справуваме најдобро со пожарите
-

Во водите на Охридското Езеро утре ќе се одржи 39. „Охридски пливачки маратон“
-

Николоски: Изградбата на автопатот Прилеп - Битола e со одлична динамика, првите километри следната година
-

Мицкоски: Скандалозна е одлуката на Обвинителството за случајот со модуларните болници
