Македонија
24. December 2015 - 8:40

Промоција на изданието „Гоце Аџи-Митревски / Цртежи“

Во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска ќе биде промовирано изданието „Гоце Аџи-Митревски / Цртежи“ и ќе биде отворена истоимена изложба.

Гоце Аџи-Митревски (1946-2014) беше долгогодишен професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Архитектонски факултет завршил во Скопје, а магистрирал на Универзитетот во Белград.

Во својата богата професионална кариера автор е на голем број архитектонски и истражувачки проекти. Како педагог учествувал во работата на летни школи, архитектонски работилници, архитектонски манифестации...

Слободорачниот архитектонски цртеж е негов најзначаен изразен медиум. Способноста да го согледа потенцијалот на една идеја со едноставна скица претставува негова исклучителна вештина.

Добитник е на значајното француско национално одликување за заслуги во образованието - Орден на Академската палма во ранг Витез.