Македонија
27. November 2020 - 21:18

Пропишувањето антибиотици на рецепт бележи рекорди

Страв или потреба – Која е причината што сумамед и панцеф се земаат како бонбони во екот на пандемијата со Ковид 19? Дали матичните без да го прегледаат пациентот му прeпишуваат антибиотици, но и колку влијае паниката кај граѓани кои молат за лек иако не знаат дали им е неопходен. Во одговорот што го добивме од Фондот за здравство, од март до октомври во аптеките биле реализирани 118.000 рецепти за сумамед, што е за 40 проценти повеќе од истиот период лани кога имало 74.000. Но статистиката на микробиологот Пановски за ноември е уште подраматична со бројките – до 17 ноември биле издадени 44.500 рецепти за сумамед и 14.500 на панцеф, односно, дневно биле пропишувани повеќе од 3000 кутии на овие антибиотици. На социјалните мрежи голем број позитивни на вирусот споделуваат искуства дека пијат и од двата лека во комбинацијата со друга терапија, што за микробиолозите е повеќе на штета на болниот, отколку добар ефект. Министерот за здравство за Сител потврди дека разговарале со Фондот и овој период ќе прават контроли кај матични врз основа на кои параметри се пропишуваат толку многу антибиотици. Претходно, Филипче побара и од граѓаните да не прават домашни аптеки.

-Во разговор со матични, постои паника кај граѓани и тоа е, создаваат домашни аптеки. Јас апелирам никој да не пие антибиотик на своја рака, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

И додека министерот апелира, кај нас нема протоколи по кои треба да лекуваат матичните лекари. Колку за споредба, хрватскиот протокол за пациенти со Ковид 19 укажува дека досега немаат докази за комбинација на два или повеќе лекови за третман на пациенти со корона, но и не препорачуваат лекување со сумамед.

За разлика од примарната здравствена заштита, микробиологот Пановски по барање на здравствените власти денеска правел визита во ковид центрите на интерните клиники. За Сител потврди дека сите пациенти кои биле на болничко лекување биле третирани по протокол и под надзор на пулмолог и антибиотик добвал оној кој има потреба за тоа. Дали е така и во болниците низ внатрешноста засега нема одговор.