Македонија
14. October 2016 - 10:27

Прв меѓународен филмски фестивал „Богородичен покров“ од утре до 19 октомври во Скопје

Во Македонскиот народен театар и Кинотеката на Македонија од утре до 19 октомври ќе се одржи првиот Меѓународен филмски фестивал за духовни и хумани вредности во Македонија „Богородичен Покров“.

На отворањето, како што е најавено, ќе се обратат министерката за култура Елизабета Канческа Милеска и директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска, амбасадорот  на Руската федерација Олег Шчербак и амбасадорот на Чешката Република Мирослав Рамеш, а ќе бидат доделени дипломи за духовни и хумани вредности.

Гости на фестивалот се Матушка Софија од Русија, филмскиот режисер и сценарист, член на Европската филмска академија и Чешката филмска и телевизиска академија Јиржи Свобода и чешкиот продуцент и режисер Виктор Криштоф.

На филмската програма ќе бидат прикажани 15 играни и документарни филмови од фестивали и продуценти од ваков жанр од повеќе држави.

Претседател на фестивалот за 2016 година е Јован Таковски, протојереј ставрофор, годинешен добитник на признанието Орден од прв ред Свети Климент Охридски на МПЦ-ОА.   

Фестивалот е под покровителство на Агенцијата за филм на Македонија и со благослов на Македонска православна црква - Охридска Архиепископија. Влезот е бесплатен врз основа на резервации.