Македонија
5. November 2021 - 15:15

Прва фаза од проектот за регулација на речното корито на Брегалница во Делчево

Во Делчево започна реализацијата на првиот дел од проектот за регулација на речното корито на река Брегалница. Проектот предвидува изградба на попречни прагови од габиони во коритото на реката Брегалница, а денеска увид во работите на терен изврши градоначалникот Горан Трајковски кој изрази задоволство од интензитетот и квалитетот на работите потенцирајки дека реализацијата на проектот се одвива со планираното темпо.

-Очекувам работите на терен да завршат до крајот на овој месец. Работите се изведуваат во речното корито во должина од околу 300 метри, а станува збор за реализација на дел од основниот проект за регулација на речното корито на река Брегалница, низводно од регулираното корито, односно се изведуваат три попречни прагови од габиони, рече Трајковски.
Со оваа интервенција очекува да се стабилизира дното на минор и мајор коритото што според него ќе придонесе реката да не врши дополнително поткопување, при евентуални поплавни води.
-Исто така, со стабилизација на коритото на тој дел од регулацијата дополнително ќе биде заштитен и новиот пешачки мост, додаде Трајковски.
Вредноста на работите, како што дополнија од Општината, изнесуваат 1 милион денари со пресметан ДДВ, од кои 800 илјади денари за реализација се обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање преку Програма за управување со водите за 2021 година, додека останатите од општинскиот Буџет.

Економскиот оператор очекува градежните работи во коритото на реката да бидат завршени заклучно со 30 ноември 2021 година.