Македонија
18. May 2024 - 16:36

Прва официјална посета на Силјановска Давкова ќе биде во Ватикан и Рим

Прва официјална дестинација на новата претседателка ќе биде Ватикан и Рим. Силјановска ќе ја предводи државно црковната делегација за чествувањето на Св. Кирил и Методиј. Според протоколот, претседателката ќе има аудиенција кај Папата Франциск на 23 мај, а потоа и со генералниот секретар за односи со државите на Ватикан. Чествувањето на сесловенските просветители ќе се одржи на 24 со посета на базиликата Свети Климент каде се наоѓа гробот на Св. Кирил а потоа и во базиликата Санта Мариа Маџоре каде венец ќе постават на плочата испишана на македонски јазик.

Во рамки на посетата на Рим, претседателката ќе се сретне и со колегата Серџо Матарела, велат за  Сител од Вила Водно. Засега нема потврда, но се прави обид за билатерална средба со бугарскиот претседател Румен Раде кој со своја делегација ќе биде на чествувањето во Рим. Ваква пракса се воспостави откако двете држави го потпишаа договорот за добрососедство.

Во изјава пред да биде избрана за претседателка Силјановска Давкова рече дека нема да оди ниту во Брисел ниту по светот, туку има  намера првите средби да и бидат со соседите. Од кабинетот велат дека претседателката на состанокот со  евроамбасадорот Гир разговарала   за официјална посета во Брисел. Причината поради која не се закажани се уште средби со челниците на ЕУ не е претседателката туку набиената агенда која ја имаат претседателите на ЕК и ЕС.