Балкан
27. March 2020 - 12:05

Прво медицинско лице кај кое е потврдена зараза со Ковид-19 во Косово

Инфективната клиника на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово објави дека едно од лицата кои вчера се дијагностификувани со коронавирус е медицинска сестра вработена во клиниката, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на клиниката се наведува дека медицинската сестра била во близок контакт со пациентите заразени со Ковид-19 и дека таа е првото регистрирано медицинско лице заразено со новиот вирус.

Според дневниот извештај на Инфективната клиника, во неа денеска лежат 34 пациенти со коронавирус. Од нив, 26 се во стабилна состојба, додека осуммина имаат потреба од оксигенотерапија.

Бројот на лица кај кои е потврдено присуство на смртоносниот вирус во Косово, до синоќа, изнесува 86. Вчера е регистриран првиот случај на лице излечено од заразната болест, а во неделата, на 22 март, беше забележана и првата жртва на коронавирусот – 82-годишен маж од Малишево, општина во која досега се евидентирани најголем број заразени, вкупно 32.