Свет
29. March 2018 - 11:30

Пуџдемон поднел жалба за апарат за следење поставен во неговиот службен автомобил

Поранешниот регионален лидер на Каталонија Карлес Пуџдемон поднел жалба во Белгија поради апарат за следење кој бил откриен пред околу две седмици во неговиот автомобил.

На почетокот од март обезбедувањето на Пуџдемон открилo апарат во кој имало сим - картичка. Засега не е познато дали картичката била регистрирана на нечие име.

Пуџдемон пред неколку дена беше уапсен на граница во Германија кога влегувал со автомобил од Данска. На тоа патување тој се враќаше од Финска во Белгија. Неодамна Пуџдемон изнајми вила во близина на Ватерло каде живееше чекајќи го исходот од неговиот случај.

Белгиски и шпански медиуми изразуваат сомневање дека шпанските служби постојано го следеле неговото движење. Додека беше во Финска, каде пристигна со авион од Брисел, против Пуџдемон беше реактивирана европската потерница за апсење. Се претпоставува дека поради тоа тој одлучил кон Ватерло да се врати со автомобил.

Пред неколку дена шпанската агенција ЕФЕ јави дека агенти на шпанското разузнавање успеале да постават нов апарат за следење во автомобилот на Пуџдемон откако првиот бил откриен на почетокот од месецов.