Македонија
11. February 2025 - 16:43

Пукање во Чаир, еден убиен и двајца повредени

Еден убиен и двајца повредени по престрелка во скопски Чаир. Нешто пред полноќ на паркинг на булеварот македонско-косовска бригада се одиграла пукотницата. 10 минути пред полноќ полицијата добила пријава за пукањето, а 15 минути подоцна, градската болница Св. Наум Охридски, информирала дека се донесени две лица со повреди од огнено оружје.

Мажот на возраст од 35 години починал заради две прострелни повреди, а неговиот врсник кој бил застрелан во рака и слабината, е задржан и според лекарите, тој е надвор од животна опасност.

„Причина за вооружената престрелка која се одиграла на овој паркинг била поради недоразбирање во сообраќајот.. Се пукало со пиштоли, а дел од куршумите завршиле и во возилата“  

По неполни два часа од престрелката, упсени се четири лица за кои полицијата има сомневање дека биле вклучени во престрелката. Еден на возраст од 39 години е уапсен во болницата Мајка Тереза. Таму, лекарска интервенција побарал и 22 годишник кој по укажаната помош заминал од клиниката. Подоцна полицијата го пронашла на подрачјето на Чаир. Во акцијата биле уапсени уште две лица на возраст од 28 и 41 година.

„По преземени мерки, на паркингот биле пронајдени два пиштоли, неколку возила и други предмети поврзани со делото. Лицата се задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави“, информира полицијата.

Јавен обвинител пак на местото пронашол неколку чаури кои се предадени на вештачење, а биле обезбедени и снимки од видео надзор на околните објекти. Телото на починатиот е предадено на обдукција.

Лица кои на местото каде се случила престрелката, но не сакаа да говорат јавно, откриваат дека застрелан е Хабим Буњаку, син на поранешниот директор на Државната техничка инспекција, Екрем Буњаку од редовите на ДУИ.

На паркингот се уште се наоѓаат возилата кои настрадале во престрелката. Четири автомобили се запечатени од полицијата, а на дел од нив се гледаат и ознаки од куршумите кои во престрелката завршиле во стаклата и тркалата.