Пуштен во сообраќај нов воз на МЖ Транспорт
Со промотивно возење на релацијата Скопје - Велес денеска e пуштен во сообраќај нов електромоторен воз на Македонски железници АД Транспорт, набавен од кинеската компанија ЦРРЦ, прв од шесте патнички возови набавени со владиниот проект за обнова на возниот парк на железницата.
Новиот воз е со капацитет за 200 патници, со електронска табла за управување, камери наместо ретровизори, монитори за кабината на машиновозачот, климатизирани вагони, електронски дисплеи за означување на станиците, вакуум-тоалети...Изработен е согласно техничките стандарди за интероперабилност на ЕУ.
- Тековните проекти за купување нови возови и вагони, за реновирање на железничките станици, на халите за одржување, како и за обнова и изградба на нови железнички пруги, посочи премиерот, претставуваат вкупна инвестиција вредна 600 милиони евра. Вакви капитални инвестиции во Железницата не се направени повеќе од 30 години наназад. Со истото темпо продолжуваме и во наредниот период, рече премиерот Никола Груевски. Со вицепремиерот Зоран Ставрески, министерот за транспорт Владо Мисајловски, претставници на кинеската компанија и на МЖ Транспорт и кинескиот амбасадор во Македонија Вен Жен Шун беа меѓу првите патници на промотивното возење.
Денес, потенцира Груевски, е историски ден за македонскиот железнички превоз затоа што е помината цела една историја во која никој не се погрижил да набави нови возови за македонските граѓани. Не се потребни многу зборови, туку само да ги видиме старите возови на шините и новиот кој денес го ставаме во употреба. Разликата е навистина многу голема, потенцира Груевски.
Новиот воз, истакна, е првиот од повеќето нови модерни возови со кои ќе се обнови возниот парк на Железницата, капитална инвестиција од 25 милиони евра, обезбеди преку Европската банка за обнова и равзој. Претходно како дел од проектот беа набавени нови 150 товарни вагони, инвестиција од 13 милиони евра.
Со новите возови, како што рече Груевски, ќе бидат покриени околу 60 проценти од линиите во патничкиот сообраќај, што директно значи поудобен и поквалитетен превоз на патниците. - Владата веќе разработува план за набавка на вакви возови и за останатите 40 проценти од линиите во Македонија. Како продолжение на нашите инвестиции во железницата во подготовка сме на набавка на три нови локомотиви, а веќе склучивме и договор за реконструкција на халите за одржување на возовите, посочи премиерот Груевски.
Вицепремиерот Зоран Ставрески истакна дека со Буџетот за следната година се планираат две милијарди и 200 милиони денари инвестици во железницата или, како што рече, 15 пати повеќе во однос на 2006 година.
- Целта е македонската железница да го добие ликот кој треба да го има, односно да биде модерна и функционална, нешто што требало да биде уште пред многу години, но се случува сега и не смее да се одложува понатаму. Резултатите се веќе видливи, сведоци сме денеска на една слика каква треба да биде макеоднската железница. Овој воз е само дел од мозаикот на кој работиме за модерна Македонија, рече Ставрески.
ЦРРЦ, информира министерот Мисајловски, согласно договорот на МЖ Транспорт треба да испорача уште еден електромоторен воз до крај на годинава, а во првиот квартал следната година четири воза на дизел погон.
- Железницата од денеска влегува во нова ера во која граѓаните ќе почувствуваат што е квалитетен, брз и удобен транспорт. Овој воз со капацитет од 200 патници е еден од најсовремените произведени возови, направен согласно сите стандарди на ЕУ, рече Мисајловски. Во истовреме со пуштањето на новиот воз, оцени, значајно ешто завршуваат активностите за обнова на Железничката станица во Скопје, во што се инвестирани 2,6 милиони евра и оти се во тек такви активности за реконструкција на уште десет железнички станици долж Коридорот 10, вложување од 2,5 милиони евра.
Активно се работи, како што рече, и на целосно железничко поврзување на Коридорот 8, со обнова и изградба на пруги.
Како дел од инвестицискиот циклус во железницата, истакнаа владините претставници, почната е изградба на пругата кон Бугарија, на делницата Куманово-Бељаковце, а во првата половина на следната година треба да започне обновата и изградбата на потегот Бељаковце-Крива Паланка. Се подготвува потребаната документација за изградба на железничката делница од Кичево до границата со Албанија. Најавено е и дека во следните години треба да заврши и ремонтот на железничката пруга Ногаевци-Градско-Неготино, како и проектот за изградба и обнова на делницата Битола-Кременица и изградба на крак кон Индустриската зона Жабени.
Ново на Сител
-
80 години слободно Скопје
-
Прес конференција на опозицискиот лидер
-
Продолжува судењето за двојното убиство
-
Средба Сиљаноска – Радев во Баку
-
Азески: Банките да пуштат пари
-
Контролирани пожари - Можат ли да помогнат со справувањето на шумските пожари
-
Модерното време штетно влијае на правилен раст и развој
-
Преглед на вестите од светот