Свет
9. May 2016 - 12:30

Путин: Русија подготвена да гради вонблоковски систем за безбедност

Русија е подготвена да работи на изградба на вонблоковски систем за безбедност, порача денеска рускиот претседател Владимир Путин, обраќајќи им се на граѓаните на Денот на победата над фашизмот и додаде дека цивилизацијата денеска е повторно соочена со суровост и насилство.

Честитајќи им на 71. годишнината од победата над фашизмот Путин предупреди на порастот на тероризмот, кој како што рече, станал глобална закана.

- Ние сме должни да го победиме тоа зло. Русија е отворена за обединување на напорите со други држави, подготвена да работи на изградба на современ вонблоковски систем на меѓународна безбедност, изјави Путин. 

Тој нагласи дека руските војници и команданти докажале дека се достојни наследници на хероите на Големата татковинска војна и дека со чест ги бранат интересите на татковината. 

- Сигурен сум дека денес ветераните се горди со своите внуци и правнуци, тие нема да ги изневерат и секогаш ќе се раководат од големата победа, со подвигот на племенитото поколение на победници. Ви го честитам празникот, Денот на големата победа, рече Путин. 

Тој истакна дека ова е свеченост во која се обединиле радоста, сеќавањата и тагата.

- Деветти мај е државен и мошне личен семеен празник. Тој стана симбол на светото сродство на Русија и нејзиниот народ. И во такво единство преданоста на татковината лежи во нашата сила, безбедноста и достоинството, рече Путин. 

Рускиот претседател нагласи дека неговиот народ го обединуваат „длабоките чувства кон нашите татковци, дедовци и прадедовци“. 

Путин едноминутното молчење го најави со зборовите: „Денеска искрено им се заблагодарувам на оние кои се тука покрај нас и не ги кријам при тоа мојата гордост и солзите. Се поклонува пред светлото сеќавање на синовите, ќерките, татковците, мајките, дедовците, мажите, жените, браќата, сестрите, соборците и пријателите. На сите кои не се вратиле од војната, на сите кои повеќе не се со нас“.