Работа и по пензионирање
Сѐ повеќе Европејци работат и откако официјално ќе ја поминат старосната граница за пензионирање.
Според податоците на Евростат, највисок процент на вработени над 65 години има во Исланд, дури 22%.
Потоа следуваат балтичките држави и Ирска. Во Естонија на пример, 17,6% од луѓето постари од 65 години сѐ уште работат. Во Латвија 14,5%, додека во Ирска 14%.
Најмала заинтересираност за работа по старосната граница за пенизонирање има во Романија, Шпанија и Хрватска каде работат само помеѓу 2,2 и 3,6% од возрасните граѓани.
Тоа, според Евростат е резултат на желбата да се работи, но и поради недостаток на пари. Речиси две третини од луѓето кои продолжиле да работат или изјавиле дека уживаат во нивната работа и да бидат продуктивни, или тоа го сториле поради финансиска потреба.
Данците, Холанѓаните и Италијанците најмногу продолжиле да работат зашто уживаат во тоа. Финансиската нестабилност е причина во посиромашните европски држави, како Кипар, Романија и Бугарија.
Евростат, за жал, нема податоци за состојбата во Македонија. Таква статистика не води ниту Државниот завод за статистика.
По линеарното зголемување на пензиите во Македонија од 2.500 денари и најавите дека истото ќе се случи и во март годинава, се отвори дебата дали ќе се зголеми старосната граница. Сепак, уверување дека тоа нема да се случи дојде од премиерот на државата. Мицкоски во новогодишното интервју рече дека Владата нема намера да ја зголемува старосната граница за заминување во пензија, ниту да ги зголемува давачките, што беше предлог на Фискалниот совет, но и препорака од Светска банка.
Фокусот на Владата ќе биде намалување на даночната евазија со цел да се прибираат повеќе пари во буџетот.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар